Демократската пратеничка Ненси Пелоси во неделата со тесно мнозинство повторно беше избрана за претстедателка на Претставничкиот дом на првата седница на 117-от состав на американскиот Конгрес.
За поддршка на Пелоси се изјаснила 216 пратеници, додека 209 не го поддржаа нејзиниот избор.
Меѓу оние кои не ја поддржаа Пелоси во неделата се и петмина пратеници на нејзината Демократска партија. Двајца ги дале своите гласови за пратеници кои не се кандидирале, а тројца на гласањето се изјасниле само како „присутни“.
Новиот состав на американскиот Конгрес се конституираше во неделата во Вашингтон во тензична атмосфера поради неизвесноста кој ќе го има мнозинството во Сенатот, горниот дом на американскиот парламент. Покрај тоа, дополнително атмосферата ја загреаја и најавите на група републикански сенатори дека во среда ќе го оспорат прогласувањето за победник на демократот Џо Бајден на претедателските избори на 3-ти ноември.
Контролата на Сенатот ќе зависи од двата избора кои во вторникот ќе се одржат во сојузната држава Џорџија, на кои кандидатите на демократите мора да ги освојат и двете сенаторски емста за нивната партија да ја врати контролата над горниот дом на Конгресот.