Пелоси одлета од Тајван, зад неа висока тензија

. (AP Photo/Andy Wong)

Претседателката на американскиот Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, Ненси Пелоси, во средата го напушти Тајван откако на островот му ја вети американската солидарност и ја пофали неговата демократија, но оставајќи го зад себе гневот на Кина поради посетата којашто Пекинг ја смета провокација и нарушување на кинескиот суверенитет.

Пелоси, чијашто делегација без официјална најава во вторникот доцна ноќта слета во Тајпеј, по посетата на Сингапур и Малезија, ја продолжува својата азиска турнеја со посетите на Јужна Кореја и Јапонија. Нејзиниот авион полетал од Тајван околу 18 часот по локално време, пренесе Reuters.

Пелоси на Тајван допатува и покрај советите од Белата куќа и Пентагон дека тоа носи ризици и не би требало да се оствари тоа патување. Ова е првпат по 25 години американски висок функционер, спикерот на Претставничкиот дом инаку е втор во наследната линија на американскиот претседател, кој го посетил Тајван. Вашингтон досега се воздржуваше од такви посети според договорот со Пекинг.

Американските критичари на ова патување на Пелоси, истакнуваат дека овој престој е во лош момент, бидејќи САД се преокупирани со кризата во Украина, а со нејзиното патување во Тајпеј 82-годишната поборничка на радикалната неолиберална струја меѓу американските демократи му помогнала на кинескиот претседател Кси Џинпинг, кој наводно се соочувал со криза во земјата, сега добил причина да ги мобилизира приврзаниците зад прашањето за Тајван пред 20-от конгрес на Комунистичката партија во ноември.

Пекинг многу остро реагираше по слетувањето на Пелоси на Тајван, и веднаш започна неколкудневни воени маневри од три правца во близина на островот кој го смета за своја одметната покраина кои вклучуваат и боеви стрелби и лансирање на балистички проектил.

И Тајпеј и Пекинг ги ставија своите војски во состојба на највисока приправност, а шефот на кинеската дипломатија Ванг Ји предупреди дека американското водство „си игра со оган“ во врска со статусот на Тајван, како и дека „може да се изгорат“ и дека тоа „нема да излезе на арно“.

Очекувани, зад Кина застана Русија која оцени дека Пекинг има право да ги преземе „неопходните мерки за заштита на својот суверенитет“.

Европската унија, пак, повика новопојаените тензии да бидат надминати со дијалог, како и каналите за комуникација со Кина да останат отворени за да се избегна секакви погрешни процени, а Јапонија изрази загриженост од најавата на кинеските воени вежби, вклучително и во водите на Ексклузивната јапонска економска зона.

Кина го смета Тајван за своја територија и никогаш не се откажа ниту од употреба на сила да го стави островот под своја контрола.

Тајван, колонија како и голем дел од Кина јапонска колонија до крајот на Втората светска војна, во 1949 година беше населен со кинеските националисти на Чанг Кај-шек поразени од комунистите на Мао Це-тунг. Слабата кинеска војска тогаш не успеа да интервенира на островот кој набрзо доби закрила од САД.

Пекинг се противи на секое официјално комуницирање со Тајпеј, кој не е признат меѓународно освен од 14 земји. САД во обидите за приближување со Кина од 1970-те години се придржуваат до начелото „една Кина“, не одржуваат официјални дипломатски односи со Тајван, но имаат закон според кој се должни финансиски и воено да го поддржуваат „правото на самоодбрана“ на островот.

Тензиите меѓу Пекинг и Тајпеј, од една страна, и со САД и нивните сојузници, во прв ред Јапонија која исто така вели дека воено ќе го брани Тајван, редовно се подигнуваат поради зачестените летови на кинеските борбени авиони во воздушниот простор над островот, како и од минувањето на западните воени бродови низ Тајванскиот теснец, близу кинескиот брег.