Пелоси: Скапите енергенси се „мала цена“ за жртвите на Украинците

Претседателката на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, Ненси Пелоси, изјави во петокот во Берлин дека скапите енергенси кои ги плаќа Европа се „мала цена“ во однос на жртвите кои ги понесува украинските народ поради војната со Русија.

На состанокот на челниците на парламентите на земјите членки во групата Г7 во Берлин, Пелоси гарантираше натамошна поддршка на Украина.

„Граѓаните на Украина се борат за демократијата во целиот свет. Јасната порака на денот е дека Г7 е солидарна со Украина“, рече Пелоси.

По средбата на којашто како гостин беше претседателот на украинскиот парламент Руслан Срефанчук, Пелоси истакна дека „јасно е дека оваа војна мора да се доби“.

Претседателката на германскиот Бундестаг, Барбел Бас рече дека рускиот претседател Владимир Путин води војна против сите „либерални демократии и со тоа ја уништува својата земја“.

„Путин нема да ја добие оваа војна“, рече Германката.

Пелоси претходно се сретна со германскиот канцелар Олаф Шолц и со министерката за надворешни работи Аналена Бербок, како и се германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер.

Шолц пред состанокот изјави дека Германија е „подготвена да преземе повеќе одговорност во одбраната на Европа“ и додаде дека германската армија „мора да стане најдобро опремената војска во Европа“.