Гоце Делчев се декларирал за Бугарин и во исто време се борел за самостојна македонска држава, вели претседателот Стево Пендаровски во интервју за „360 Степени“.
Пендаровски вели дека станува збор за два неспорни историски факти и ова го нуди како компромисен пристап кон ликот и делото на револуционерот чие дефинирање донесе тензии на релација Софија-Скопје во изминатите денови и се заканува одново да ги затегне односите меѓу двете земји.
И еве можеби да излезам надвор од мојот мандат, бидејќи во изминативе неколку недели имав интензивна комуникација со луѓе што се разбираат во таа работа, затоа што јас сум сигурен дека тоа постепено станува политички проблем. Тврдам дека тоа допрва ќе станува политички проблем ако пристапот од бугарска страна продолжи да биде ваков. Значи, неспорна историска вистина е, за сите што имаат малку познавање од тој историски период, дека Гоце Делчев се изјаснувал како Бугарин. Но, дали не е историска вистина, стопроцентна, дека Гоце Делчев се борел за македонска држава? Автономија, независна држава, па дури на крајот оставил аманет неговите коски да почиваат во независна Македонија, вели Пендаровски во интервјуто.