Претседателот Стево Пендаровски денеска упати честитка до скопскиот бискуп и епарх струмичко-скопски Киро Стојанов и до сите христијански верници кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар.
Во честитката Пендаровски посакува празникот на Христовото воскреснување да донесе мир, хармонија, радост и неизмерна љубов.
„Верувам дека празникот на светлината ќе ги отвори нашите срца и ќе ги зацврсти нашата вера и духовност, инспирирајќи нѐ на благородни дела.Годинава, за жал, празникот ќе го дочекаме во поинаква атмосфера, обременети со заканата од КОВИД-19 што налага и промена на нашите навики, однесување и дејствување. Затоа токму сега најмногу ни е потребна верба, храброст и доверба. А има ли поголема духовна поткрепа и надеж од Христовата победа над смртта, да истраеме и сплотени да излеземе како победници. Затоа светлината на Велигден нека ни дава сила и верба во искушенијата што ни претстојат. Нека е за многу години големиот празник!“, стои во честитката од Пендаровски.