Претседателот Стево Пендаровски вчера доставил порака до кабинетот на турскиот колега Реџап Таип Ердоган за екстрадиција на Љупчо Палевски, осомничениот за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и на 74-годишниот Панче Жежоски.
Од кабинетот на Пендаровски не соопштуваат повеќе детали за содржината на пораката.
Оваа порака следува откако Пендаровски во интервју порача дека ќе се обрати до Ердоган за брза и ефикасна екстрадиција на Палевски.
Во меѓувреме, обдукцијата на телата на убиените Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски е завршена, но обвинителството не потврдува дали се прибрани наодите од Судска медицина за двојното убиство. Од скопското обвинителство велат – „под лупа“ e сѐ што може да ги открие одговорите за монструозниот чин. Обвинителот Гаврил Бубевски вчера рече дека материјалните докази се поклопуваат со она што го зборувале осомничените.