Пендаровски ги додели медалите на победниците на 34. Охридски пливачки маратон

Претседателот Стево Пендаровски денеска ги додели медалите и пехарот на победниците на 34. Охридски пливачки маратон.

Францускиот пливач Аксел Рејмонд во машка и француската пливачка Ошан Касињол во женска конкуренција се победници на 34. Охридски пливачки маратон, кој се одржа под покровителство на Претседателот на Република Македонија, Стево Пендаровски.

Маратонската трка, на која стартот го означи претседателот Пендаровски, започна од манастирскиот комплекс „Св. Наум“, а заврши на градското пристаниште во Охрид. На 25 километри долгата патека „Климе Савин” се натпреваруваа вкупно 19 пливачи, 12 во машка и 7 во женска конкуренција, меѓу кои македонските пливачи Евгениј Поп Ацев, кој го освои третото место и Александар Илиевски и Леонид Мишевски.

По пристигнувањето на целта на Охридското пристаниште, претседателот Пендаровски, доделувајќи им венци на победниците, им ја честиташе победата и им посака добро здравје и уште многу натамошни успеси. На церемонија за доделување на медалите, претседателот Пендаровски ги додели медалите и пехарот на победниците на 34. Охридски пливачки маратон.

Охридскиот пливачки маратон е редовна трка од светската серија на ултра маратони на (ФИНА) – Светската пливачка федерација, која се одржува под покровителство на Претседателот на Република Македонија.