Пендаровски ги потпиша законите за два нови гранични преминa со Грција

Претседателот Стево Пендаровски, денеска ги потпиша указите за прогласување на Законот за ратификација на Спогодбата меѓу Република Македонија и Република Грција за отворање нов граничен премин меѓу двете земји кој ќе ги поврзува Мајден во Република Македонија и Промахoи во Република Грција, и на Законот за ратификација на Спогодбата за отворање на еден граничен премин во регионот на Преспанското Езеро.

Според соопшението од претседателскиот кабинет, отворањето на граничниот премин Мајден – Промахои и граничниот премин Маркова нога – Лемос меѓу Република Македонија и Република Грција, ќе придонесе за натамошен развој на севкупните билатерални односи меѓу двете држави, ќе придонесе за развој на прекуграничната соработка и ќе ја олесни комуникацијата на населението што живее во регионот на двата гранични премини.

Претседателот Пендаровски очекува од надлежните институции да дадат максимален придонес за реализација на предвидените активности и за што поскоро отворање на двата гранични премина.