Претседателот Стево Пендаровски го прими во вторникот министерот за надворешни работи на Португалија, Жоао Гомеш Кравињо, кој престојува во работна посета на Македонија.
На средбата беа разменети мислења околу можностите за унапредување на билатералните односи на двете земји, во контекст на евроинтеграцискиот процес на Македонија, унапредување на првната рамка и зајакнување на економската соработка, а воедно беше изразено и очекување дека соработката во одбраната дополнително ќе се интензивира во рамки на НАТО.
Во разговорот, претседателот Пендаровски изрази благодарност за силната поддршка од Португалија во исполнување на нашата европска агенда и посочи дека со неодамнешното одржување на Меѓувладината конференција во Брисел се означува ново поглавје од евроинтеграцискиот процес што е од огромно значење за Македонија.
Во тој контекст, претседателот Пендаровски посочи дека земјава интензивно се подготвува за скрининг процесот, кој започнува во септември и се очекува да даде пресек за подготвеноста и усогласеноста на македонското и европското законодавство.
„Соговорниците се согласија дека отворањето на пристапните преговори на Македонија и Албанија е од суштинско значење во актуелните геополитички и безбедносни околности и справување со влијанијата од руската агресија врз Украина“, се вели во објавата од кабинетот на Пендаровски.