Претседателот Стево Пендаровски и словачкиот министер за надворешни и европски работи Иван Корчок на денешната средба во Скопје ги потврдиле пријателските односи меѓу Македонија и Словачка, нагласувајќи дека во иднина треба да се интензивира политичкиот дијалог и размена на посети на високо ниво меѓу двете земји, штом ситуацијата со пандемијата на Ковид-19 ќе го овозможи тоа.
Претседателот Пендаровски, како што соопшти неговиот кабинет, се заблагодарил за силната словачка поддршка за нашите евроинтеграции.
-Исклучително ја цениме силната, континуирана и недвосмислена поддршка од Словачка која е наш значаен партнер и поддржувач во евроинтеграциите, силен партнер во НАТО, a се надевам дека нашето партнерство ќе продолжиме да го негуваме и во рамки на Европската Унија, порачал Пендаровски.
Претседателот изразил интерес и за интензивирање на соработката, особено во областа на економијата која не го достигнала својот реален потенцијал, иако билатералната трговска размена во последните 5-6 години има константен раст. Во таа насока, претседателот Пендаровски изразил очекување дека ќе се зголемат инвестициите на словачките компании во нашата држава, особено после нашето членство во НАТО и напредокот направен кон ЕУ.
На средбата, како што е наведено во соопштението, станало збор и за состојбите во двете држави во однос на пандемијата на Ковид-19, при што се разговараше за конкретни предизвици кои се во интерес на двете држави, а се предизвикани од тешките околности на целиот континент. Претседателот Пендаровски се заблагодарил и за словачката поддршка и донации во областа на здравството.