Претседателот Стево Пендаровски се обрати на панел-дискусијата „Иднината на проширувањето на ЕУ – Кои се придобивките за Македонија и Европската Унија?“, што во организација на Канцеларијата на Фондацијата „Конрад Аденауер“ во Скопје, Европското движење и Центарот за европски студии „Вилфрид Мартенс“ од Брисел се одржа денеска во Скопје, во рамки на одбележувањето на Денот на Европа – 9 Мај.
Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателот Пендаровски.
-Ми претставува особена чест и задоволство да се обратам на денешната конференција на тема „Иднината на проширувањето на ЕУ – Кои се придобивките за Македонија и за Европската Унија?“, во организација на Фондацијата „Конрад Аденауер“, Канцеларија во Скопје, Европското движење во Република Македонија и Центарот за европски студии „Вилфрид Мартенс“ од Брисел.
Според мене, оваа конференција, организирана во чест на Денот на Европа – 9 мај, има два аспекта. Првиот е во месецот на Европа, и македонските граѓани, како граѓани на Европа, да го одбележат празникот на најголемиот и најзначајниот мировен проект кој кога било е реализиран во историјата на континентот, а тоа се европските интеграции. Вториот аспект е да го искористиме овој значаен повод отворено и искрено да разговараме за значењето и перспективите на европските интеграции за нашата држава и, во рамките на таа дискусија, и на западно-балканскиот регион.
На самиот почеток сакам да се осврнам на една стара „политичка мантра“ која често ја слушаме во ЕУ и во нејзините држави членки, но, и во нашата држава и во другите држави од регионот. Тоа е фразата „замор од проширувањето“. И додека тој „замор од проширувањето“ е разбирлив кога го слушаме од граѓаните на државите членки на ЕУ или од нашите граѓани, сосема е неразбирливо и се разбира, неоправдано и политички неодговорно е таа фраза да се користи како изговор од страна на политичките претставници кои се избрани и платени имено за да креираат политики и работат за подобро денес и утре на нивните граѓани.
Наша обврска е, на политичарите, да ја вратиме енергијата и динамиката на процесот, кој, барем за државите од западниот Балкан, се движи пребавно, а таквата динамика неспорно повеќе одмага отколку што помага и во поглед на подготвеноста на државите кандидатки за пристапување и во однос на ентузијазмот за овој процес кај граѓаните и кај целокупната јавност. Ние, политичките претставници на граѓаните, кои сме ја добиле довербата на граѓаните на проевропски политички платформи, треба да сме свесни дека со секое повторување на оваа мантра не само што шириме дефетизам и му одмагаме на процесот, туку и го засилуваме ефектот што го посакуваат и отворените и прикриените противници на проектот на Обединета Европа.
Единствениот ефект од таквиот наш однос е одржувањето на геополитичкиот вакуум што веќе се создава. Притоа, свесни дека вакуумот во политиката не трае долго време, јасно е дека наместо Европската Унија, тој вакуум ќе биде пополнет со актери чие недемократско и деструктивно влијание создава поделби и конфликти и го успорува социоекономскиот развој. Оттаму, мојата порака до сите политички актери кои макар и формално ја поддржуваат европската интеграција е да престанеме да се занимаваме со „заморот“, и да се фокусираме на процесот.
Во таа насока, дозволете ми, да се осврнам на најважните предизвици пред нас и пред Европската Унија што се однесуваат на овој процес. Декларираната цел на Европската Унија да биде значаен геополитички играч во меѓународните односи е возможно единствено доколку Унијата ја сфати не само економската, туку и геополитичката димензија на своето постоење. Во светло на бруталната агресија на Русија врз Украина, оваа задача на Унијата е поприоритетна од кога било во нејзината историја.
Европската Унија ќе стане нешто повеќе од заеднички пазар само кога ќе собере сили самата да ја заврши својата интеграција, а во тој процес, кој со право е нарекуван најуспешната надворешна политика на Унијата, исклучително е значајна интеграцијата на шесте држави од западниот Балкан, а понатаму и на Украина, Молдавија и Грузија. За реализација на оваа цел многу повеќе е потребна политичка волја и активен настап, отколку натамошно комплицирање на процедурите за пристап.
Новата методологија за проширување е стара веќе три години и конечно треба да почне конкретно да се применува во стварноста за да им помогне на државите во реформите, а не да се злоупотребува за прашања кои немаат врска со критериумите за членство. Да бидам појасен: новата методологија прецизно посочува кои прашања се однесуваат на интеграцијата, а кои прашања, претежно од билатерален карактер, треба да се решаваат со взаемна волја на државите, при тоа, беа да го оптоваруваат процесот на пристапување.
За нас, приоритетите во процесот на пристапување се ургентни. Нашата прва задача е да ја исполниме обврската што ја преземавме прифаќајќи ја Преговарачката рамка која овозможи нашата држава после повеќе од деценија и половина со кандидатски статус конечно да ги отвори преговорите со првата Меѓувладина конференција и со процесот на скрининг врз нашиот правен, политички и економски систем. Таа обврска е јасна и неспорна и таа обврска треба да ја завршиме со вклучувањето во уставот, на оние три и пол илјади наши граѓани кои на последниот попис се изјаснија за етнички Бугари, во преамбулата и во нормативниот дел, на идентичен начин на кои беа вклучени претходно и другите делови од народи кои живеат кај нас. Во овој процес ќе вклучиме и други делови од народи и со тоа, уште еднаш, ќе потврдиме дека почитувањето на правата на етничките заедници и мултикултурализмот во македонското општество се наша специфика со која се гордееме, а не се срамиме.
Во таа смисла ги повикувам сите проевропски политички партии и пратеници во Собранието да го направат својот избор. А, тој избор е едноставен – или интересите на партијата или европската иднина на македонската држава!
Во овој контекст, сакам да нагласам дека наш приоритет во овој момент се измените на уставот што произлегуваат од Преговарачката рамка со ЕУ, а за сите останати прашања постои јасна политичка волја да водиме легитимна демократска политичка дебата и веднаш потоа да ги завршиме и тие други обврски.
Додека сме фокусирани врз уставните промени, треба внимателно да ги разгледаме сите забелешки што произлегуваат од процесот на скрининг, затоа што понатаму, ќе мора да бидеме подготвени на процес во кој не смееме да симулираме реформи туку вистински да го менуваме нашиот систем. Симулацијата на реформи не само што не е во интерес на македонските граѓани, туку е и невозможна во услови кога промените ќе бидат детално контролирани од европските институции.
Во тој процес, сакам посебно да ја нагласам важноста да изградиме функционална правна држава и далеку поуспешна борба со организираниот криминал и високата корупција. Држава која нема сила да ја совлада корупцијата и да обезбеди функционални институции не е во состојба да спроведе ниту една реформа од економијата и екологијата па се до културата и спортот. Владеењето на правото е почетокот и крајот на сите реформи, тоа е услов без кој не може да функционира ниту еден сегмент од општеството. Секое занемарување на оваа аксиома е самозалажување чија што висока цена веќе ја плаќаме со разочарани граѓани и илјадници иселени млади и допрва ќе ја плаќаме.
За крај, не и најмалку важно, сакам да упатам порака до граѓанските организации и медиумите. Секоја конструктивна критика не само што е дозволена туку е и нужна. Секое ваше барање за вклученост и транспарентност на процесот не само што е легитимно, туку е sine qua non за европските интеграции.
Сакам да ве замолам, како претседател на сите граѓани, за помош и соработка во објаснувањето на овој комплексен процес низ кој минуваат не само институциите, туку и граѓаните. Исто така, медиумите што ја поддржуваат европската иднина на нашата држава, ги молам за претпазливост во пренесувањето на вестите и за проверка на изворите. Како држава и граѓани веќе се наоѓаме во состојба на интензивни напади со дезинформациони кампањи и лажни вести чија што единствена цел е да го попречат процесот, да ги вознемират граѓаните и да ги продлабочат поделбите меѓу луѓето.
Уверен дека како држава и како поединци сме доволно подготвени да одговориме на сите предизвици што се пред нас, ви посакувам успешна конференција и конструктивни и интересни дискусии.