Довербата на граѓаните во институциите се гради и заслужува само преку одговорна политика и бескомпромисна борба со оние што ги кршат законите, независно од нивната функција и моќ. Ако не сме еднакви сите пред законот и ако политичката власт се користи за личното, а не за јавното добро, таквата држава нема перспектива, порача денеска претседателот и врховен командант, Стево Пендаровски, во обраќањето по повод Денот на Армијата.
Пред бројните гости на свеченоста што се одржа на Воениот стадион во Скопје, Пендаровски потенцира дека без доверба во институциите, ја ризикуваме националната безбедност. Ниската репутација и разочараноста на граѓаните од политиката и политичарите, креираат идеален амбиент за новите начини на поткопување на стабилноста и безбедноста, како што се хибридните закани.
Првпат земјава го празнува Денот на Армијата како членка на НАТО, рече шефот на државата и го најави како врвен натамошен приоритет вложувањето во вооружените сили и нивна модернизација. Тоа го очекува и од новата влада и новиот парламентарен состав
– Организираниот криминал и високата корупција кои, за жал, се дел од нашето секојдневие ја нарушуваат довербата на граѓаните во институциите и надежта за пристоен живот. Најважната обврска на нашата политичка генерација е воспоставување систем за ефикасно справување со криминалот и корупцијата. Длабоко сум убеден дека нашето политичко наследство ќе зависи најмногу од успехот во остварувањето на оваа задача. Историјата нема да ни прости ако и овој пат не бидеме на вистинската страна, како што бевме и во Втората светска војна – подвлече Пендаровски.
Не е фраза, дополни, ако се каже дека да се биде дел од најмоќниот воено-политички сојуз во светот е голема привилегија, но и уште поголема обврска и кон граѓаните и кон сојузниците.
– Основната причина зошто сакаме да бидеме дел од ЕУ и НАТО се нивните темелни вредности: владеење на правото и функционална правна држава како основен услов за економски и социјален развој – рече претседателот.
Според него, најдобриот начин за борба против дезинформациите, лажните вести и останатите хибридни закани е токму високата доверба на граѓаните во демократските институции.
Во обраќањето, Пендаровски нагласи и дека ова е голем ден, зашто првпат го празнуваме 18 август како членка на НАТО.
Неговата врвна заложба ќе биде инвестирање во одбраната, а тоа го очекува и од новата влада.
– Мораме да ја модернизираме и опремуваме Армијата. Мојата врвна заложба како врховен командант, а тоа го очекувам и од новата влада, е во следните години да ја оствариме зацртаната цел за вложување најмалку два отсто од БДП во модернизација и развој на АРМ. Оваа заложба, заедно со новата влада и новиот парламент, ќе ја актуелизираме особено во пресрет на подготовките за Буџетот за следната година – истакна Пендаровски.
Одбележувањето на Денот на Армијата почна во 10 часот со почесна артилериска стрелба и со интонирање на македонска химна, на химната на НАТО, како и на химната на АРМ.
Со едноминутно молчење присутните им оддадоа почит на сите загинати и починати борци за слободата на државата, на загинатите и починатите припадници на Армијата, како и на сите жртви од ковид-19 во земјава и во светот.
Свеченоста се одржа согласно Протоколот за заштита од заразни болести за одбележување државни празници, а меѓу гостите беа премиерот оливер Спасовски, како и претставници на дипломатскиот и воено-дипломатскиот кор.