Претседателот Стево Пендаровски се обрати на Свечената академија, што по повод 30 години од монетарното осамостојување се одржа вчеравечер во Скопје, во организација на Народната банка на Република Северна Македонија.
„Минатата година ја одбележавме 30 годишнината од независноста, меѓутоа, круцијален државотворен аспект без кој ќе беше невозможно заокружувањето на меѓународно-правниот субјективитет на новата држава беше монетарното осамостојување. Со прогласувањето на независноста во 1991-та, нашата централна банка започна да стекнува едно сосема поинакво ново искуство, кое ни помогна успешно да ги надминеме комплексните предизвици од првите години од независноста“, изјави Пендаровски.
Потсети дека, веќе идната година, 1992, во парламентот беше усвоен пакетот закони со кои беше поставена институционалната рамка на монетарниот систем, а, пред македонските граѓани беа претставени банкнотите на новата македонска валута ‒ денарот, првиот симбол на нашето монетарно осамостојување.
„Актуелните економски турбуленции на глобално ниво во голема мерка влијаат на довербата на граѓаните во банкарскиот систем и кај нас и во светот. Изминативе две години, поради пандемијата, а сега уште позасилено поради руската инвазија во Украина, ние, но и Европа и светот, се соочуваат со економска и енергетска криза, ценовни шокови и инфлација. Но, и во вакви сложени услови, институциите на државата функционираат на стабилизирачки начин, со што ја оправдуваат довербата на граѓаните“, рече Пендаровски, додавајќи дека, е убеден оти Народната банка ќе го продолжи континуитетот на позитивно работење и успешно водење на монетарната политика согласно нејзините со закон утврдени цели и задачи.