Пендаровски: Не можам да го дадам мандатот на економот на „Бихаќка“, треба да ми дадат име

Претседателот на државата Стево Пендаровски вечерва беше гостин на телевизијата Канал 5, каде се осврна на уставно пропишаниот процес за формирање на новата влада на земјата.

Откако Собранието денеска ја констатира оставката на премиерот Зоран Заев, претседателот примил формално известување дека таа е констатирана и сега течат уставните рокови, а новата влада се очекува да биде формирана за десетина дена.

Запрашан за новиот мандатар, Пендаровски рече дека тој мора да добие официјално име и презиме од партијата за да одлучи за таквата позиција.

„Не можам мандатот да го дадам на економот на „Бихаќка“. Треба да ми кажат на кој треба да го дадам мандатот. Ќе побарам потписи, видувања еден со друг. Ми треба име и презиме за кандидатот за премиер. Тоа ќе се случи во текот на следната седмица“, рече Пендаровски во „Само интервју“ на Канал 5.