Претседателот на државата, Стево Пендаровски не се согласува со предлогот во личните карти да се впишува и етничката припадност. Во интервју за порталот мкд.мк Пендаровски вели дека нема сличен пример во светот, но оти нема многу големи аргументи за да не потпише таков указ ако законот биде изгласан во парламентот.
„Ако владејачката коалиција се договори, ако има мнозинство и ако законот биде донесен во регуларна постапка, јас немам многу големи аргументи контра таквиот став за да не потпишам указ. Но лично не се согласувам етничката припадност да биде во личните карти. Не постои демократска држава во светот во која постои етничка или религиозна припадност. Мене не ми пречи, не мислам дека тој закон ако биде донесен со таква одредба ќе ја растури државата, ниту дека ќе има негативни последици. Лично не се согласувам, но ако го изгласаат во таков облик, јас ќе го потпишам указот иако не се согласувам тој детаљ да стои во личните карти“, вели Пендаровски.