
Не гледам проблем во тоа некој од нашите соседи да искажува пиетет кон еден од камен-темелниците на нашата државност, без оглед дали постои или не формална одлука за заедничко одбележување на личноста и делото на Гоце Делчев. Во услови кога комисијата сѐ уште нема дојдено до заедничка формулација, ова е чин на добра волја од двете страни кој ќе помогне за намалување на тензиите кои уследија по бугарското вето, изјави денеска претседателот Стево Пендаровски.
– Не знам дали во формална смисла постои одлука за заедничко чествување бидејќи тоа би требало да биде една од надлежностите на Историската комисија. Меѓутоа, не гледам проблем и да не е така. Ние и пред да постои, тоа ви е вам добро познато, историската комисија, сме имале заеднички чествувања на одредени настани, на одредени ликови. И без да има одлука на Историската комисија сме правеле и во Република Бугарија и во Северна Македонија заедничко чествување на различни паметници. Така што не гледам проблем. Не гледам проблем во тоа да некој од нашите соседи искажува пиетет кон еден од камен-темелниците на нашата државност. Не, не гледам проблем во тоа – рече Пендаровски на новинарско прашање како гледа на тоа што македонска и бугарска делегација ќе положат цвеќе на гробот на Делчев во црквата Свети Спас во Скопје.
Во однос на забелешките на копретседавачот на македонскиот тим од Историската комисија дека не би требало вака да се одбележува Гоце Делчев, кој е една од спорните теми во работата на оваа комисија, Пендаровски смета дека нема проблем во чествувањето на Делчев на овој начин во услови кога комисијата се уште нема дојдено до заедничка формулација на и на тоа гледа како на чин на добра волја од двете страни што ќе помогне за намалување на тензиите кои уследија по бугарското вето на нашата евроинтеграција.
– Нема да пречи. Нема да пречи зошто тие разговараат во Комисијата околу година ипол за Гоце Делчев за заемно прифатлива формулација. Досега нема најдено заедничка прифатлива формулација, меѓутоа не гледам проблем да се чествува во меѓувреме. Ниту политичарите ќе прејудицираат решение на Историската комисија, ниту ова може да се третира како некаков вид на притисок – ајде побрзо најдете заедничка солуција или формулација. Мислам дека е чин на добра волја од двете страни да ги олабавиме малку тензиите кои за жал во последнава година дена се прилично високи во таа билатерала од познати причини, поради бугарската блокада и ова го гледам само во таа насока, не како чин кој ќе ја вжешти атмосферата и ќе ни одмогне да најдеме заедничка солуција, туку ќе ни помогне – вели Пендаровски пред да ја отвори изложбата „150 години од раѓањето на Гоце Делчев (1872-2022)“, што ја организира Државниот архив на Македонија, под негово покровителство во Музејот на македонската борба.