
Во интервју за Радио телевизија Црна Гора истакна дека Македонија е сто процентно согласна со Црна Гора кога станува збор околу визијата за регионот, посебно во делот на европската и евроатлантската иднина.
Иако европската перспектива е единствена алтерантива, одржлива и продуктивна за целиот регион, Пендаровски го загрижува тоа што таа е замаглена во последно време, а патот кон европското семејство е бавен и неизвесен.
Се надевам дека тоа ќе оди побрзо. Каква е тоа порака за нас, кои се уште не сме почнале со преговарање. Ако вие преговарате седум години и се уште нема светло на крајот од тунелот, тогаш што да им кажам на моите граѓани во Северна Македонија, колку ќе трае ова, 15-20 години?, наведува претседателот Пендаровски во интервјуто.
Иако се очекуваше дека Македонија и Албанија ќе започнат преговори со ЕУ минатиот месец на состанокот на врвот во Луксембург, одлуката е одложена, бидејќи имало поделеност во Унијата околу тоа прашање.
Сѐ што побараа од нас, се исполнивме, вклучувајќи ги и тешките компромиси. Сега е ред на Европа да го исполни тоа што го вети, порача Пендаровски.
Тој нагласи дека е многу задоволен од односите и соработката со Црна Гора.
-Многу ми значи помошта која Црна Гора, сега како полноправна членка на НАТО, несебично и ја дава на Македонија, која ќе стане 30-та членка на Алијансата најверојатно на почетокот на следната година, изјави Пендаровски во интервјуто за РТЦГ. (МИА)