Очекувам во првиот круг гласовите да се поделат на повеќе страни и не очекувам дека има некој било каква шанса да добие во првиот круг, меѓутоа во вториот очекувам да влезам и да ги добијам изборите на крајот, порача Стево Пендаровски, актуелниот претседател на државата и кандидат на коалицијата предводена од СДСМ за претстојните претседателски избори, на отворањето на Централниот штаб во Скопје.
Посочи дека на претстојните избори има седум кандидати, најмногу досега во македонската историја, и додаде дека само 1999 година имавме шест кандидати.
-Денеска го отвораме свечено Централниот штаб за мојата граѓанска кандидатура во центарот на Скопје, меѓутоа и од денеска е првиот ден на кампањата. Продолжуваме попладне со посета на неколку населени места на неколку општини на Четвртата изборна единица со завршната средба со граѓани за денеска во Прилеп, изјави Пендаровски.
Во текот на кампањата, до крајот на првиот круг, како што кажа, планирана е посета на 65 населени места во сите изборни единици во сите општини во земјава.
-Очекуваме да имаме средби со илјадници наши граѓани и да им претставам што е мојата понуда за следните пет години. Некој ќе рече дека можеби преголемо претставување не е потребно од моја страна бидејќи имам зад себе петгодишен мандат и македонските граѓани многу добро знаат за што сум се залагал, што сум бил против, што сум поддржувал и од прилика знаат кој политички профил можат да очекуваат и во наредните пет години ако ми ја дадат довербата. Меѓутоа, јас мислам дека контекстот изминатите пет години се има малку променето и регионалниот и внатрешниот, се разбира и меѓународниот со војната во Украина и дека би требало да ги кажам новелирани моите ставови по некои прашања кои имаат посебна специфична политичка динамика, потенцира Пендаровски.