Пендаровски: Русија го злоупотребува тоа што граѓаните легитимно протестираат, луѓе од странство се дојдени да испровоцираат инциденти

Претседателот Стево Пендаровски ексклузивно во дебатниот магазин „Клик плус“ на ТВ 21 тврдеше дека Руската Федерација го „злоупотребува“ тоа што граѓаните легитимно протестираат против францускиот предлог.

Според Пендаровски, кој притоа не даде докази, „луѓе од други земји“ се дојдени во Македонија со цел да испровоцираат инциденти.

„Имаме неколку дузини луѓе кои се дојдени од некои од соседните држави и кои се обидуваат да испровоцираат инциденти на протестите. Не се наши државјани“, тврдеше Пендаровски.

Додаде дека „ретко кое момче од 18 години знае што е молотов коктел, да го направи и кога треба да го фрли“.

Таквите запалливи супстанции, за кои извести изминатите денови МВР на наводните протести против францускиот предлог, првпат во земјава беа употребени и во текот на ткн „Шарената револуција“ при потпалувањето на канцеларијата на тогашниот претседател Ѓорге Иванов, а претходно масовно на киевски Мајдан во 2014 година, како и на многу протести минатите години во Европа и соседството.