Пендаровски се обрати на 51. Европска конференција на млади инженери

Претседателот на државата Стево Пендаровски се обрати по повод отворањето на 51. Европска конференција на млади инженери, чиј домаќин по втор пат е Клубот на млади инженери при Инженерската институција на Македонија.

Конференцијата на тема „Поврзување на патеките на инженерите“ се одржува од 5 до 8 октомври на Факултетот за електротехнички науки и информатички технологии (ФЕИТ), под покровителство на претседателот Пендаровски.

Во слоганот на годинaшната конференција, нагласил Пендаровски во обраќањето, е содржана суштината на вашата работа, затоа што инженерството е умешност на изнаоѓање решенија за практичните проблеми преку она што фигуративно го нарекуваме, поврзување на точките. На инженерите, уште во најстари времиња, рекол тој, им била доверена задачата да градат патишта што ќе ги поврзуваат градовите, со цел, развој на тие цивилизации.

– Инженерските патеки не секогаш се предвидливи и можат да водат до неочекувани научни, технички и технолошки пробиви. Ќе споменам само два примера. Во 1957-та, двајца дизајнери конструираа направа која била напојувана од сончева енергија и на шега ја нарекле „соларната машина што не прави ништо“. Денес, соларната енергија е клучна за одржливиот развој и за зелената трансформација на економиите. И македонскиот енергетски систем сè повеќе се ориентира кон искористување на соларниот потенцијал, истакнал меѓу другото Пендаровски, соопштија денеска од неговиот Кабинет.

Пред помалку од една година, посочил шефот на државата, малкумина знаеја за ChatGPT. Денес, потенцирал Пендаровски, моделите на вештачка интелигенција што генерираат содржини се наше секојдневие и стануваат незаменливи во многу сектори.

Инженерските иновации, според Пендаровски, честопати ја претркуваат регулацијата и отвораат простор за најразлични злоупотреби, од дезинформации преку сајберкриминал и сајбернапади.

– Во една прилика реков дека инженерски еквивалент на Хипократовата заклетва е таканаречената Архимедова заклетва, што подразбира, одговорно користење на знаењата и вештините за општото добро, водејќи, помеѓу останатото, сметка и за квалитетот на животот на луѓето и заштита на животната средина.

Меѓу многуте неизвесности што со себе ги носи четвртата индустриска револуција, едно е извесно – инженерската професија ќе има уште поважна улога во градењето на одржлива иднина. Од вас, повеќе од кој било друг, ќе зависи дали една држава и економија ќе напредува или стагнира, бидејќи вие ги поврзувате точките на развојот и ги градите патеките кон иднината. Токму затоа, наша должност е да го зајакнеме партнерството меѓу државата, науката, стопанството и граѓанскиот сектор за да овозможиме квалитетно инженерско образование, е пораката што ја упатил претседателот Пендаровски.

Тој истакнал дека мора да вложуваме во иновациските екосистеми што привлекуваат инвестиции, генерираат квалитетни работни места и ги задржуваат младите во државата. Вие, младите инженери, им порачал, не само на хартија, туку и во реалниот живот, треба да бидете двигатели на позитивните промени.

На отворањето на конференцијата се обратиле и претседателката на Инженерската институција на Македонија, Христина Спасевска, претседателката на Клубот на млади инженери, Тина Манолева и претседателот на Европските млади инженери, Пол Џенкинсон.