Пендаровски со сопругата присуствуваа на концерт на млади музичари од МБУЦ „Илија Николовски – Луј”

Во рамки на одбележувањето на Јубилејот – 30 години независна македонска држава, вчеравечер претседателот Стево Пендаровски со сопругата г-а Елизабета Ѓоргиевска присуствуваа на концертот насловен „Музичка вечност” на кој настапија млади музичари од Музичко – балетскиот училишен центар „Илија Николовски – Луј” од Скопје.

Концертот е  дел од низата културни настани „Слоеви на современоста – 30 години независност низ уметностите” преку кои се артикулира богатството на современото културно наследство, кое почива на еден континуитет, но добива свои патеки кои се неизоставен дел на нашата современост.

На концертот настапија младите музичари: Виктор Рафајловски, Горјан Стојановски, Ана Смилевска, Светле Васкова, Марио Иванчов, квартетот во состав: Симеон Гошев, Маријана Лазаревиќ, Виктор Манев и Антонио Илиоски, фолклорниот квинтет: Мартина Трајковска, Сандра Димитриевска, Влатко Ѓорѓиев, Стефан Трајковски и Мартина Муневски, како и детскиот хор  „Пиколо” под диригетентската палка на Весна Димчевска, а пијано соработник  на концертот беше м-р Билјана Петровска.

Младите музичари се претставија со дела на реномираните македонски композитори Зографски, Прокопиев и Шуплевски, како и со дела на светски познатите композитори Моцарт, Шопен, Пјацола, Коломеец и др. Фолклорниот квинтет се претстави со две изворни фолклорни нумери од Разлошкиот и пределот на Скопска Црна Гора.