Димитар Ковачевски, новиот лидер на СДСМ, утре во 1 попладне ќе го добие мандатот за формирање на нова влада на Македонија од претседателот Стево Пендаровски, потврдија од претседателскиот кабинет, посочувајќи дека настанот ќе може да се следи на Фејсбук-страната на кабинетот.
Ако предлогот за новиот состав стигне во Собранието до 10 јануари, Владата би можела да биде изгласана најрано на 16 јануари до полноќ.
Од утре официјално почнуваат да течат 10-те дена во кои Пендаровски треба да довери мандат. Синоќа, на седница на Централниот одбор на СДСМ, Ковачевски беше и официјално овластен од неговата партија да формира нова влада.
Откако ќе го добие мандатот за формирање нова Влада, од мандатарот се очекува во текот на првата половина на следниот месец тој до Собранието да ги достави програмата за работа и составот на новиот владин кабинет, по што пратениците ќе треба да гласаат за избор на новата влада.
За да биде избран, за предложениот владин кабинет треба да гласаат најмалку 61 пратеник. Новото парламентарно мнозинство составено од коалицијата предводена од СДСМ, заедно со ДУИ, Алтернатива и ДПА има 64 пратеници во Собранието, јавува МИА.