Пендаровски: Во Македонија пропадна концептот на ЕУ

Со вчерашното гласање „против“ уште при утврдувањето на дневниот ред, опозицијата потврди дека во земјава пропаднал концептот на ЕУ, оцени синоќа претседателот Стево Пендаровски.

Претседателот Пендаровски рече дека опозицијата треба да каже каква алтернатива нуди и што предлага ако е против уставните измени. За Пендаровски е нејасно и „како опозицијата се обидува да се мајтапи со толку моќна земја на ЕУ како Франција и вели дека она што е на маса не е француски предлог и европска рамка, туку бугарски диктат“.

„И понатаму тврдам, дека ова што го имаме на маса и што опозицијата пежоративно и непотребно го нарекува „бугарски диктат“, е француски предлог и европска рамка, и навистина не ми е јасно како се обидуваат да се мајтапат со толку моќна земја на ЕУ, со Франција, и да велат дека тоа не е француски предлог и европска рамка, туку е „бугарски диктат“.

„Нивниот конпцет е – дајте да дојдеме на власт, па потоа ќе му ја мислиме за двете третини. Тоа не е политички концепт“, рече Пендаровски во гостувањето на ТВ Сител.

Пендаровски не смета дека е загубен легитимитетот на Владата по вчерашната собраниска сесија.

„Јасно е дека владејачкото мнозинство во овој момент нема две третини, но тоа не значи и дека нема да ги има“, смета претседателот.