![Стево Пендаровски](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2020/11/Stevo-Pendarovski.jpg?resize=696%2C392&ssl=1)
Претседателот на Република Македонија, Стево Пендаровски, за време на претстојниот празник Илинден ќе остане во Скопје, каде пригодно ќе го одбележи сеќавањето на илинденците, како и на првото заседание на АСНОМ.
– Претседателот Пендаровски ќе положи цвеќе на споменикот на паднатите борци од НОБ во Алејата на великаните на градските гробишта во Бутел и ќе се поклони на гробот на првиот претседател Киро Глигоров, на гробот на генерал Михајло Апостолски и на гробот на претседателот Борис Трајковски.
Од Кабинетот објаснија дека повеќе од деценија постои систем на ротација, според кој државниот врв го чествува 2 Август – Денот на Републиката.
– Одбележувањето на празникот e на три локации – Крушево, Пелинце и Скопје, за кои секоја година се менуваат претседателот на државата, претседателот на Собранието и претседателот на Владата. Претседателот Пендаровски годинава ќе биде во Скопје, според системот на ротација, со оглед на тоа дека во 2021 година беше во Крушево, 2020 во Пелинце, а 2019 во Скопје – истакнаа од Кабинетот.
Оттаму додаваат дека делегации од кабинетот на претседателот ќе положат цвеќе во Крушево во „Македониум“, на гробот на Никола Карев, на Слива и на Мечкин Камен, во меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце, како и во Смилево на могила на Даме Груев – обелиск, споменик на Смилевските илинденци – обелиск и пред спомен плочата на Партизанскиот одред „Даме Груев“.
Претходно беше објавено дека премиерот Димитар Ковачевски ќе биде дел од церемонијата во Крушево.