Пендаровски за извештајот на Транспаренси Интернешнл – Не е убав факт, не барам оправдувања

„Минатата година бевме на 105-тото место што беше еднаков лош рејтинг“, вели претседателот Стево Пендаровски за емисијата „24 анализа“ на прашањето како го коментира индексот на перцепција за корупцијата во земјава, според извештајот на Транспаренси Интернешнл, според кој сме на 111-то место.

Тој вели дека има допир со методологијата по која се прават тие истражувања.

„Се мерат перцепциите на бизнис заедницата, дел на граѓаните и експертите кои ги следат тие работи. Ако сте биле лани 105-ти не може драстично да бидете погоре или подолу. Не е убав факт за сите напори што ги правиме како држава. Не барам оправдувања“, истакна Пендаровски.

Тој додава дека во овој негативен извештај се вклучува и како работат локалните власти, затоа што тука се прашуваат и луѓето од локалните заедници како се сервисирани од општинските власти.

„Треба акција и владата работи во таа смисла“, посочува претседателот.