Пендаровски: Законот за јазици не ја руши Македонија

Венецијанската комисија нема надлежност да утврдува дали некој закон е во склад со нашиот Устав, таква обврска има само Уставниот суд, рече претседателот Стево Пендаровски синоќа во гостувањето во ТВ24, одговарајќи на прашање за делот од извештајот на комисијата посветен на Законот за употреба на јазиците.

Главната задача на Венецијанската комисија е да утврди дали некој законски проект е во склад или не со европските практики, се разбира, најдобрите европски практики. Една реченица во самиот вовед на тој документ за Законот за јазици предизвика големи контроверзии овде, бидејќи некои овде протумачија дека тоа оди преку нашиот Устав. Не го вели Венецијанската комисија тоа. Венецијанската комисија вели дека стандардите за лингвистичките права на Албанците кои им се даваат со тој закон се над европските стандарди и тоа е за пофалба. Не вели дека е против, туку констатира дека нашите јазични права се повисоки од највисоките европски стандарди, меѓутоа тоа не е за критика, не е за укинување, туку за пофалба, рече Пендаровски.

Според Пендаровски, друго е прашањето за практичната примена на тој закон овде, а тоа дали ние имаме ресурси на сите нивоа, пари, луѓе, особено во судскиот систем, за тоа практично да го примениме.

Еве да ви кажам што може да се случи практично. Во една судска постапка во Тетово сите се Албанци, адвокати, обвинители, дактилографка, судски совет, сè. Сè е на албански. Некој е незадоволен и оди на Апелација во Скопје каде доминатниот дел од судиите и вработените се Македонци. Тоа мора сè да се преведува. Сите судски записници. Ќе речете не е проблем, меѓутоа тоа ќе трае и трае, а едно од начелата на европските судии, на Европскиот суд за човекови права, е судење во разумен рок. Ако само преводите за овие багателни случаи траат со месеци, самите странки ќе бидат засегнати и не ќе можат да ги реализираат своите права. Тоа е обрската која ќе стои пред нас и тоа ќе кошта. Меѓутоа знаете, и демократијата има цена. Подобро е граѓаните Албанци да чувствуваат фул инклузија во општеството отколку да бидат незадоволни, но ова, мислам ќе биде практичен проблем. Не сум го видел извештајот интегрално, но нагаѓам дека нивните забелешки се за неможноста за апликабилност на тие делови од нашиот закон, не за друго. Не вели „што сте им дале толку права“. Таква работа во демократијата нема. Мене ме плаши само дали ќе можеме ние како држава тоа да го испратиме, зборувам само за практичната имплементација, особено во судските постапки. Но, мој став е дека Законот за јазици не ја руши Македонија, од многу права не се распаѓа држава. Јас не мислам дека извештајот на Венецијанската комисија дека законот не чини, кинете го, фрлете го. Наша задача како држава за да го имплементираме тој закон, посочи тој.