Секретарот на згаснатиот бугарски клуб „Цар Борис Трети“, Христијан Пендиков утрово се појави во судот во Охрид за да даде изјава пред истражителите за тепањето.
Ова е прво враќање на Пендиков во родниот град по неговото лекување во Софија. Тој мора да го опише нападот и причините за нападот. По инцидентот, обвинителството во Охрид соопшти дека делото е сторено поради етничката припадност на Пендиков.
На последното судско рочиште еден од напаѓачите Илија Спасески изјави дека „го разбира обвинението, но не се чувствува виновен.“
Пендиков беше секретар на сега веќе поранешниот бугарски клуб „Цар Борис Трети“, кој е затворен заедно со другите клубови кои одбија да ги променат своите имиња и називи. Тој месецов ја заврши својата процедура за добивање бугарско државјанство што ја почнал во декември минатата година. Пасошот лично му го даде потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова на свечена церемонија на која присуствуваа повеќе луѓе и таа се пренесуваше во живо.
Утре во Охрид се очекува ново рочиште за случајот со претепувањето на Христијан Пендиков.