Американските воздухопловни сили одлучија да ги приземјат сите 20 стратешки бомбардери од моделот „B-2 Spirit“ во врска со проверка на можни безбедносни проблеми, изјави за новинарите во понеделникот, портпаролката на авијацијата Бет Дел Векио.
Според Дел Векио, единствената писта каде што се распоредени леталата останува затворена, откако еден од овие „невидливи“ стелт-бомбардери пријавил дефект во текот на лет на 10-ти декември и бил принуден да изведе принудно слетување. Портпаролката одлуката на командата ја опиша како „безбедносна пауза“ со цел да бидат детално проверени „B-2 Spirit“ по споменатиот инцидент.
„Суспендирањето летовите поради безбедносни причини се однесува на целата флотила на B-2 Spirit. Во моментов не постои евентуален датум кога тоа ќе заврши. Секој инцидент е посебен и во моментов проценуваме што тргнало наопаку и како можеме да се справиме со минимални ризици во иднина. Нормалното функционирање ќе продолжи по завршувањето на истрага за ова безбедносно прашање“, истакна Дел Векио.
Сите бомбардери „B-2 Spirit“ се стационирани во воздухопловната база Вајтмен во сојузната држава Мисури. Тамошната писта била затворена веднаш по принудното слетување. Како што истакна портпаролката, персоналот во базата „работи деноноќно“ на воспоставување на нормалното функционирање.
Оштетениот „B-2 Spirit“, чијашто цена е околу милијарда долари по авион, сѐ уште е лоциран на пистата на базата. На 10-ти декември избувнал пожар на него, со кој се справиле војниците и притоа немало повредени. Сепак, други поединости за инцидентот, американската воена авијација отфрли да даде. Притоа само е најавено дека се очекува аеродромот да биде затворен до крајот на годината.
„Пистата сѐ уште е затворена. Напите тимови сѐ уште работат таму за минимизирање на секаков друг безбедносен ризик, но како и при секој вакво случај немаме проценет датум за завршување (на поправките). Бидејќи инцидентот се истражува, не објавуваме никакви дополнителни детали за карактерот, но ќе можеме да ги соопштиме по завршувањето на официјалната истрага“, заклучи Дел Векио.
Специјализираните американски медиуми пред десетина дена објавија фотографии на бомбардер од овој тип со видливо оштетување на едното крило. На нив беше видливо и дека B-2 Spirit е на крајот на пистата навален на едната страна.
Дел Векио не одговори на прашањата колкава е штетата на авионот или зошто авионот не е повлечен од пистата по девет дена откако морал да изведе принудно слетување. Таа истакна дека само дека во моментот на инцидентот на леталото немало со муниција.
Ова, како што забележуваат американските медиуми, е вториот „B-2 Spirit“ кој е оштетен во базата Вајтмен за малку повеќе од една година. Во септември 2021 година, друг авион од овој модел изведе принудно атерирање при што беа сериозно оштетено едно крило и опремата за слетување. Тогашната истрага на американската авијација откри проблеми со хидрауличниот систем и опремата за слетување кои го предизвикале инцидентот. Штетата, како што беше соопштено, на ова летало изнесувала над 10 милиони долари и сѐ уште не е целосни санирана.
Моделот „B-2 Spirit“ е единствениот тежок стелт-бомбардер кој е способен да носи нуклеарно оружје кој во моментов го користи американската авијација. Воздухопловните сили на САД поседуваат уште неколку десетици тешки стратешки бомбардери „ B-52 Stratofortress“, кои исто така може да понесат нуклеарно оружје.
Првиот лет на авион од класата „B-2“ беше изведен во јули 1989 година. Овие авиони редовно се активни во операции и маневри во Индо-Пацифичкиот регион, а од неодамна и во Европа, како демонстрација на моќ во заднината на руската инвазија во Украина. Се очекува новата генерација на стратешките бомбардери „B-21 Raider“ постепено да ги заменат „ B-2 Spirit“ во текот на следните десет години