Американската војска наводно го користи конфликтот во Украина за тестирање на нова технологија за вештачка интелигенција која помага да се детектираат цели на бојното поле со помош на снимки од беспилотни летала, објави во вторникот „Њујорк Тајмс“.
„Project Maven“, технолошко истражување, првично било преземено како владин договор од Google пред шест години. Сепак, по притисокот од инженерите и вработените, кои не сакале да учествуваат во изградбата на алатка за вештачка интелигенција за воена употреба, технолошкиот гигант се повлече од проектот.
Сега, технологијата се тестира на линијата на фронтот во Украина, тврди „Њујорк Тајмс“, бидејќи западните и украинските офицери, заедно со некои од врвните воени изведувачи на Силиконската долина, „истражуваат нови начини за пронаоѓање и искористување на руските слабости“.
Досега, резултатите од тестирањето наводно биле „мешани“. Додека „Project Maven“ им дозволува на командантите да ги идентификуваат движењата на руските сили и да користат алгоритми за вештачка интелигенција за да ги предвидат нивните следни чекори, очигледно е „тешко“ да се донесат „податоци од 21 век во ровови од 19 век“.
Една од главните бариери, вели „Њујорк Тајмс“, е тоа што поради ограничувањата наметнати од американскиот претседател Џо Бајден, американската војска може да им обезбеди на Украинците само „слика од бојното поле“ без да даде прецизни детали за таргетирање.
Исто така, не е јасно дали новата технологија воопшто би можела да го промени текот на конфликтот, со оглед на способноста на Русија брзо да се прилагоди на технологиите што ги користи украинската страна.
„Кога новата технологија одговара на бруталноста на старомодните рововски војни, резултатите ретко се онакви какви што очекуваа планерите на Пентагон“..
„На крајот на денот ова стана наша лабораторија“, изјави за „Њујорк Тајмс“ генерал-полковник Кристофер Т. Донаху, кој командува со 18-та воздушно-десантна дивизија на американската армија.