Пентагон: Илјадници дополнителни руски војници близу Харков

Илјадници руски војници се трупаат во близина на украинскиот град Харков, изјавил неимениван американски воен функционер, пренесува агенцијата DPA.

Бројот на тактичките единици во близина на пограничниот руски град Белгород се зголемил од 30 на 40, рекол неименуваниот американски функционер. Не го навел точниот број дополнителни војници, но рекол дека тој вид единици обично се состојат од 600 до 1.000 припадници.

„Руската војска таму ги собира своите сили за да ги концентрира своите единици поради заземање на источната украинска област Донбас“, рекол функционерот.

Харков е еден од поголемите украинска градови на североистокот од земјата, во близина на руската граница.

Според американскиот функционер „постојат знаци“ дека Русија „се надева дека ќе мобилизира повеќе од 60.000 војници“.

Имајќи предвид дека конфигурацијата на теренот на Донбас им е позната и на украинската и на руската војска по судирите започнати по превратот во Киев пролетта 2014 година, американскиот функционер предупредува дека борбите ќе бидат интензивни.

„Ќе биде како борба со ножеви. Тоа би било многу крваво и многу грдо“, рекол Американецот.

Руските сили во областа Донбас речиси во целосно опкружување држат значителни добро опремени и обучени украински единици, а се претпоставува дека целта на Москва е целосно да ги истисне од подрачјето кон западна Украина.

Портпаролот на Пентагон, Џон Кирби, претходно рекол дека постојат извештаи дека десетиции илјади резервни војнци се мобилизираат за да ги засилат руските единици на границата со Донбас.