Пентагон објави снимки со неидентификувани воздушни појави од 2017 година

Пентагон официјално објави три видеа кои прикажуваат „неидентификувани воздушни појави“. Тие претходно беа објавени и од една приватна фирма.

Американската морнарица лани ја потврди автентичноста на видеата, кои се од 2017 година. На нив се гледа како непознатите летечки објекти (НЛО-а) се движат, а американските војници зачудено коментираат како тоа движење е невообичаено брзо, но и дека може да станува збор за дронови.

– Ги објавуваме снимките сега за да ги расчистиме заблудите околу тоа дали тие се автентични или не, и дали има уште такви. По темелно разгледување, Министерството за одбрана одлучи дека официјално објавување на овие видеа кои не се сметаат за тајни, не открива никакви чувствителности и опасности и не би пречело на каква било наредна истрага за забележување неидентификувани воздушни појави во воениот простор – појасни гласноговорничката на Пентагон, Сју Гоу.

Морнарицата сега има формален протокол за пријавување неидентификувани летечки објекти.

Луис Елизондо, поранешен разузнавач, во 2017 година, во емисија на Си-ен-ен рече дека има силни докази дека „не сме сами”.

Сенаторот Хери Реид, иницијатор на владиниот проект за следење НЛО-а, којшто беше активен 2007 – 2012 година, на Твитер го поздрави потегот на Пентагон, но и рече дека сега „површината на сѐ тоа е само начната“, односно има уште многу такви материјали и истражувачка работа.

– САД мора на сериозен научен начин да ги проучат потенцијалните последици коишто би ги имало од сѐ ова по националната безбедност – додава Реид.

МИА