Пентагон по интервјуто на Путин: „Вагнер“ веќе не учествува во борбите во Украина

Борците на руската приватна воена компанија „Вагнер“ повеќе не учествуваат „во значајна мерка“ во борбите во Украина, објави во петокот американски Пентагон, ден откако во интервју за таа тема зборуваше и рускиот претседател Владимир Путин.

„Во оваа фаза не гледаме дека силите на ‘Вагнер“ учестуваат во значителна мера во борбените операции во Украина“, изјави портпаролот на Пентагон, генералот Пат Рајдер на брифинг за новинарите во американското Министерство за одбрана.

САД сметаат дека „повеќето“ борци на „Вагнер“ и натаму се наоѓаат во областите на Украина кои се под контрола на руските единици, додаде Рајдер.

Пентагон ова го објави 15 дена откако „Вагнер“, за кој сега американската страна тврди дека имал клучна улога во руската офанзива во Укрaина, имаше неуспешен помалку од 24-часовен бунт на 24-ти јуни.

Челникот на „Вагнер“, претприемачот Евганиј Пригожин тврди дека не сакал да ги собори претседателот Путин, туку барал смена на воениот врв – министерот за одбрана Сергеј Шојгу и началникот на Генералштабот генералот Валериј Герасимов зашто сакале да го расформират „Вагнер“ а претходно ги навредуваше дека се некомпетентни за водење на војната во Украина и го обвинуваше за корупција.

„Вагнер“ не постои

Во Русија од 1-ви јули, имено, на сила стапи законот според кој сите борци на приватни паравојски или на доброволечки милиции мора да потпишат договори со руското Министерството за одбрана, што во „Вагнер“ се толкуваше како обид да се расформира нивната борбена групација. Исто така, беа најавени и формирања на уште неколку приватни воени компании зад кои би стоеле руски деловни гиганти, поради што руските законодавци сакаа да го регулираат тоа прашање, поради отсуството на закон со кој се регулираше постоењето на приватни воени компании.

Во интервјуто што во четвртокот доцна ноќта беше објавен во весникот Комерсант, претседателот Путин истакна дека рускиот закон не дозволува постоење приватни војски.

„Групата (Вагнер) е таму,  но правно не постои… Вагнер не постои. Не постои закон за приватни воени организации. Тој едноставно не постои“, вели Путин во интервјуто.

Путин ги потврдува претходните информации дека на 29-ти јуни, само четири дена по бунтот кој заврши со враќање на „Вагнер“ во базите и договор за амнестија од кривично гонење со преселеување на борците во Белорусија или стапување по договор во редовите на редовната руска армија.

Според рускиот претседател, парламентот и владата треба да ја разработат правната рамка за регулирањето на приватните војски.

 

Нов командант?!

Путин натаму во интервјуто вели дека на споменатата средба во Кремљ на којашто покрај Пригожин учествувале уште 35 лица меѓу кои и борбени команданти и истакнати борци на „Вагнер“, на борците им понудил да служат под команда на друга личност, но Пригожин тоа го одбил.

„Војниците на ‘Вагнер’ можеа да бидат собрани на само едно место и да продолжат да служат. За нив ништо не би се променилио, би ги водела личноста која им била вистинскиот командант во тој период“, рекол Путин.

Комерсант наведува дека станува збор за командантот на „Вагнер“ со борбен прекар Сиједи, кој според Путин всушност ги води овие борци на украинските фронт последните 16 месеци. Според некои други претходно написи, пак, вистинскиот основач на приватната воена формација „Вагнер“ е поранешниот повеќекратно одликуван за храброст офицер на специјалните сили на военото разузнавање ГРУ, Дмитриј Уткин чиј борбен прекар бил токму Вагнер. Но во сите подоцнежни извештаи за групата „Вагнер“ неговото име не се споменува.

„Многумина (од командантите на ‘Вагнер’) климнаа потврдно со главата кога го кажав тоа. Но Пригожин, кој седеше напред, тоа не го виде и слушајќи ги предлогот рече: ‘Не, момчињата не се согласуваат со тоа решение“, вели Путин.

Претходно руското Министерство за одбрана објави дека „Вагнер“ му предал големо количество тешко оружје, воена опрема и илјадници тони муниција.

Формацијата „Вагнер“ ги предала тенковите „Т-90“ и „Т-80“, повеќе ракетни фрлачи и различни артилериски системи, изјави во средата во Москва портпаролот на министерството Игор Конашенков.

Покрај тоа, тие предале повеќе од 2.500 тони разновидна муниција и 20.000 огнено оружје, рече тој. Објавена беше и снимка од тоа оружје. Целата воена опрема ќе биде сервисирана и употребена, рече портпаролот.

Водачот на „Вагнер“, Евгениј Пригожин се побуни против Москва минатиот месец. Тој го заврши бунтот на 24 јуни кога неговите сили беа на помалку од 200 километри од Москва по интервенцијата на белорускиот претседател Александар Лукашенко. За возврат, тој и неговите борци добија имунитет од прогон. Неколку дена подоцна тој се сретна со Путин. Кремљ не соопшти какви се резултатите од тој состанок.