Американското Министерство за одбрана денеска ги повика нигериските власти да спроведат независна истрага за наводите објавени од агенцијата „Ројтерс“ дека нигериската војска убила деца за време на судирите со бунтовниците.
„Министерството за одбрана е загрижено за наводите изнесени во написот на ’Ројтерс’ и ние се придружуваме на повикот на Стејт департментот до нигериската Влада да спроведе независна истрага за овој инцидент“, се вели во соопштението на Пентагон.
Во соопштението се наведува дека американската армија немала планирани или закажани состаноци со нигериското раководство или вооружените сили на овонеделниот самит на американско-африканските лидери.
Агенцијата „Ројтерс“ вчера објави дека нигериската армија убива деца во акциите против исламистичките бунтовници во североисточниот дел на земјата, повикувајќи се на изјави на повеќе од 40 војници и цивили кои рекле дека биле сведоци како војници убиваат деца.
Меѓу изворите има родители и други цивили, како и војници кои рекоа дека учествувале во некои од десетиците воени операции во кои биле убиени деца.
„Ројтерс“ јавува дека најмалку 60 деца биле убиени во шест одделни инциденти.
Агенцијата својот извештај го темели врз истрага и интервјуа со 44 цивилни сведоци кои имале сознанија за убиства и исчезнувања на деца, како и на интервјуа со 15 членови на безбедносните сили, вклучително и војници и членови на локалната милиција, кои рекоа дека учествувале или ги набљудувале посочените убиства на деца.
Нигерискиот генерал-мајор, Кристофер Муса, ги негираше, истакнувајжи дека војската никогаш не покала кон деца и го опиша извештајот како „дел од странските напори за поткопување на борбата на Нигерија против исламистичките бунтовници“.
Нигериската армија веќе 13 години е во конфликт со исламистичките бунтовници во североисточниот дел на земјата.
Од почетокот на конфликтот досега загинале најмалку триста илјади луѓе, а според ОН, повеќето од нив починале од глад или болест, а само дел од последиците од вооружениот конфликт.