Борбен авион на американските воздухопловни сили го собори кинескипт балон кој неколку дена леташе над Соединетите држави и „неприфатливо го наруши“ американскиот суверенитет, соопшти во саботата американското Министерство за одбрана.
„Попладнево, по наредба на претседателот (Џо) Бајден, американски борбен авион (…) собори шпионски авион на голема височина лансиран од Народна Република Кина во воздушниот простор над водите во близина на брегот на Јужна Каролина“, објави министерот за одбрана Лојд Остин.
Џо Бајден „секогаш ќе ја нарави безбедноста на Американците приоритетна и на тој начин ефикасно ќе одговори на неприфатливото кршење на нашиот суверенитет“, се додава во соопштението, пренесува агенцијата AFP.
Балонот беше откриен над Монтана во средата, каде што 150 интерконтинентални балистички ракети вооружени со нуклеарни боеви глави се складирани во воена база на северот од оваа американска сојузна држава, а Пентагон соопшти дека претседателот го одобрил уривањето истиот ден.
„Во средата, претседателот Бајден одобри соборување на шпионскиот балон штом се исполнат условите мисијата да се изврши без да се загрозат животите на Американците“, додаде Остин.
Претходно во саботата, Кина ги отфрли обвинувањата за шпионажа, велејќи дека станува збор за истражувачки балон кој скршнал зададената рута поради „виша сила“, односно ветер, и ги обвини американските политичари и медиумите за искористување на ситуацијата за да ја оцрнат Кина, објави Reuters.
Челникот на американската одбрана објасни дека кинескиот балон е дел од надзорната флота балони кои вршат шпионажа на пет континенти, пренесува Reuters. Пентагон во петокот соопшти дека втор кинески балон е забележан во Латинска Америка, но не ја прецизираше точната локација.
„Кинескиот балон не беше метеоролошки балон, туку шпионски балон со задача да добие информации за чувствителни воени локации“, изјави претставник на американската одбрана.
Американската федерална управа за авијација (FAA) објави дека воздушниот сообраќај е обновен на три аеродрома во Јужна Каролина, поточно во Вилмингтон, Миртл Бич и Чарлстон, откако претходно сообраќајот беше прекинат „од безбедносни причини“.
Кина во петокот изрази жалење што нејзиниот цивилен балон заталкал над територијата на САД. Портпаролот на кинеската влада претходно изјави дека „Кина нема намера да ја наруши копнената територија и воздушниот простор на која и да е суверена земја“.
Американскиот државен секретар Антони Блинкен го нарече упадот на „балонот за вршење надзор“ во воздушниот простор на САД „неприфатлив“ и „неодговорен“ и ја откажа посетата на Пекинг планирана за недела. Тоа би била првата посета на Кина на американски државен секретар од 2018 година.
Одложувањето на патувањето на Блинкен, договорено во ноември од страна на Џо Бајден и кинескиот претседател Кси Џинпинг, претставува удар за оние кои ја видоа посетата како можност за стабилизирање на влошените односи меѓу двете земји.