Пентагон призна дека има двојно повеќе војници во Сирија отколку што досега тврдеше

Пентагон во четвртокот соопшти дека има 2.000 американски војници во Сирија, што е двојно повеќе од 900-те претходно потврдени, и појасни дека дополнителните трупи се „привремени сили“ и поддршка во борбата против милитантите на Исламската држава.

Портпаролот на Пентагон, генерал-мајор Пат Рајдер им изјави на новинарите на редовниот брифинг во американското Министерство за одбрана дека не знае колку време биле таму тие 2.000 војници, но дека најверојатно биле распоредени најмалку неколку месеци пред падот на сирискиот лидер Башар ал-Асад.

„Денеска ја дознав таа бројка. Претходно пријавив околу 900 војници, па сакав да го објавам она што го знам сега“, рече Рајдер.

Соединетите држави веќе неколку години јавно кажуваат дека имаат 900 војници во Сирија кои соработуваат со локалните сили, предводени од курдската милиција Единици за заштита на народот (YPG) за да го спречат обновувањето на Исламската држава, која зазеде големи делови од Ирак и Сирија летото 2014 година, а беше потисната до крајот на 2017 година со големи меѓунаодни ангажирања.

Администрацијата на претседателот на заминување Џо Бајден најави дека американските војници ќе останат во Сирија, во северозападниот дел каде со години ги контролираат најголемите сириски навтоносни полиња, но некои во Вашингтон сметаат дека новоизбраниот претседател Доналд Трамп може да ги повлече кога ќе ја преземе функцијата на 20 јануари.