Пентагон: Русија и Кина сѐ повеќе соработуваат на Арктикот

Русија и Кина сѐ повеќе соработуваат во регионот на Арктикот, што може да има негативни последици за регионалната безбедност, тврди во објавата од понеделникот американската војска во својата стратегија за Арктикот.

Русија повторно активираше стотици воени локации од советската ера на Арктикот, се вели во извештајот. Кина, која се прогласи за земја „блиску до Арктикот“, има амбиции таму да изгради „Пат на поларната свила“.

Пекинг е привлечен од минералните ресурси на регионот и верува дека повлекувањето на мразот отвора нови трговски патишта, пишува Reuters.

„Кина и Русија сè повеќе соработуваат низ арктичкиот регион преку различни инструменти на националната власт“, ​​пишува Пентагон во својот документ. „Иако остануваат многу области на несогласување меѓу Кина и Русија, нивната зголемена усогласеност во регионот е загрижувачка, така што Министерството за одбрана продолжува да ја следи оваа соработка“, се додава во извештајот.

Арктичките морски патишта сѐ повеќе се користат за трговија меѓу големите економии низ Тихиот и Атлантскиот Океан, бидејќи глобалното затоплување донесе подолги периоди без мраз. Русија во тој поглед повеќе од деценија ги обновува своите запуштени бази од советската ера, но гради и нови аеродроми и пристаништа во областа и развива проекти за инфраструктура.

Кина и Русија заедно развиваат нови рути, бидејќи Русија сака нови начини за испорака на енергија во Кина, а Пекинг бара алтернатива за Малајскиот премин, проценуваат во Вашингтон.

Пентагон во извештајот пишува дека Кина сака да ја искористи „променливата динамика на Арктикот за да има поголемо влијание и пристап таму, да користи ресурси и да игра поголема улога во регионалното управување“.

САД, Канада и Финска во јули ќе формираат конзорциум за изградба на мразокршачи, сфера во којашто далеку заостануват зад Русија. Целта е да се зајакнат капацитетите на сојузниците на НАТО таму и да се „спротивстави на растечкото влијание“ на Москва и Пекинг, што претпоставува опасна милитаризација на Арктикот.