Пентагон со порака: Спорот помеѓу Македонија и Грција да остане надвор од НАТО

САД силно го поддржуваат Договорот од Преспа и се надеваат дека билатералните спорови ќе останат надвор од НАТО Алијансата, изјави во интервју за Гласот на Америка на македонски главниот директор за Европа и НАТО во Пентагон Олтон Бјуланд, пред одбележувањето на 75 години од безбедносната алијанса, следната недела во Вашингтон.

– Секогаш ги охрабруваме нашите сојузници и партнери да се придржуваат до договорите и да ги остават билатералните спорови и несогласувања надвор од НАТО Алијансата, за да се осигура дека има соработка и регионална стабилност во вашиот регион – рече Бјуланд.

Тој истакна дека ако има билатерални проблеми кои се надвор од контекстот на Алијансата, САД, се разбира, би поддржале дипломатија за надминување на тие разлики, но Алијансата останува фокусирана на одбрана и одвраќање.

Тој кажа и дека државите од Западен Балкан треба да ги направат потребните реформи за влез во ЕУ, како и дека долгиот процес на интеграција може да доведе Русија и други малигни актери да го искористат незадоволството на народот.

Гласот на Америка на македонски на 19 јуни го праша Стејт департментот дали премиерот Христијан Мицкоски со употреба на две имиња за државата, дома Македонија, а во странство Северна Македонија, се обидува да создаде лажен впечаток дека се придржува до Договорот од Преспа.

Од прес-службата тогаш за Гласот за Америка одговоријле:

– Изјавата на мандатарот Мицкоски дека ќе го користи уставното име на државата во сите официјални контексти е во согласност со Договорот од Преспа“.