Пензиите идната година ќе трошат над милијарда евра: Каков е ризикот од најавените мерки

Различни реакции предизвика најавата на премиерот Зоран Заев дека Владата планира да донесе закон во првите сто дена од мандатот за задолжително пензионирање на 64 години за мажи и 62 години за жени. Објасни дека тоа, од јануари следната година од кога ќе почне и примената ќе значи дека нови 10.000 вработени веднаш ќе станат пензионери.

Дел од познавачите сметаат дека тоа ќе биде значаен притисок на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување кој и така од година в година е се позависен од финансирањето на централниот буџет. Нивните аргументи се дека во услови на зголемување на животниот век потребно е можеби и зголемување на старосната граница за пензионирање. Друг дел од јавноста смета дека на ваков начин ќе се даде шанса за вработување на перспективни кадри во услови на висока невработеност кај младите. Сепак се сугерира на посебна внимателност поради финансирањето на државниот фонд, наведува Фактор.мк.

Во изминатиот период немаше извештај од меѓународните финансиски институции во кон не беше наведено дека во Македонија е потребно зголемување на староста за пензионирање. Тоа го тврдеа и Светска банка и Меѓународниот монетарен фонд.

Меѓународниот монетарен фонд тврдеше дека дека со овој модел ќе се олесни притисокот врз Фондот за пензиско и инвалидско осигурување кој се пополнува со буџетски средства.

Во јули годинава пензија земаат вкупно 324.893 лица. Согласно стратешкиот план на ПИОМ следната година треба да има 325.835 пензионери. Дали оваа проекција ќе се ревидира, останува да се види. Согласно растот на бројот на пензионери, се зголемува и сумата која се троши за пензии. Проекциите се дека следната година само за пензии ќе се потрошат 1,021 милијарди евра. Лани за пензии ПИОМ исплати 915 милиони евра.

Расходите растат затоа што расте и бројот на пензионерите. Новите мерки дополнително ќе го зголемат бројот на корисници на пензија.

Премиерот најави задолжително пензионирање на 64 години за мажи и 62 години за жени. Со тоа ќе се укине можноста некој вработен и по навршувањето на годините за пензионирање да може да остане на работа, опција која сега ја има. Заев сепак рече дека исклучок од ова ќе бидат здравствените работници

„Законот ќе биде изгласан од првите сто дена, а ќе биде со важност од 1 јануари следната година. Тоа значи задолжително пензионирање на 64 години за мажи и 62 години за жени. Исклучок од тоа ќе бидат здравствените работници, лекарите и медицинските сестри и вработени во високото образование кои се навистина дефицитарни кадри, рече Заев. Објасни дека тоа се 10.300 работници.