Пензионерите поделени: Едни добија минимално покачување, други добија намалени пензии!

Откако минатиот месец, пензионерите на својата сметка добија извесно покачување, веќе овој месец, на голем дел даденото покачување е скратено, дел имаат покачување, но, намалено во споредба со минатиот месец, а кај други, пак, состојбата на пензијата од минатиот месец им е идентична со новата пензија за месец ноември. Панзионерите се збунети и се чувствуваат изманипулирани од ветувањата на новата власт за зголемување на пензиите.

За илустрација на проблемот околу хаосот во покачувањето на пензиите, ви приложуваме чек на пензионер кој минатиот месец добил покачување, за овој месец истото да му биде скратено.

Од Министерството за труд и социјална политика, велат дека станувало збор за усогласувања на пензиите.

Со исплата на пензијата за септември (којашто се исплати во октомври) се исплати и разлика од усогласувањето на пензиите за јули, август и септември поради што корисниците добија повисок износ на пензија. Всушност, кон исплатата на септемвриската пензија се изврши и исплата на разликата од остварената пензија во јули, август и септември и усогласениот износ на пензија и затоа беше повисок износот на исплатените пезнии.

Во исплатата, пак, на пензиите која се изврши на 6-ти овој месец е исто така вградено усогласувањето на пензиите, но е само за еден месец-октомври.

СДСМ најавија дека пензите ќе се покачуваат согласно покачувањето на животните трошоци, односно, согласно Законот за пензии, пензионерите секој месец ќе добиваат по дополнителни 180 денари, или вкупно 2160 денари за цела 2017 година.

Согласно тој „закон“ на кој се повикува власта, испаѓа дека некои пензионери се привилигирани, па добиле покачување, други пак се казнети.

Повеќе од 300.000 пензионери во Македонија сега се повеќе од збунети, иако очекуваа реално зголемување на пензиите, како што претходни им беше ветено. А, веселата математика околу покачувањето на пензиите, испаѓа само демагогија и празни ветувања, преку кои како зголемување се „протнува“ некое порамнување од 180 денари месечно.

Од Сојузот на здружението на пензионерите пред септемвриската исплата реагираа дека за околу 170.000 пензионери чии месечни примања се под просекот покачувањето ќе биде и помалку од 100 денари.

Наместо линеарното зголемување, пензионерите минатиот месец почнаа да добиваат пропорционално зголемување, и тоа согласно порастот на просечната плата од околу 1 отсто.

Така, оние што примаат минимална пензија, наместо 600 денари кои ги добиваа во претходните години, добија зголемување од минимални 80 денари, а тие со високи пензии добиј зголемување и од околу 400 денари.

Во изминатите десет години, најниската пензија се зголеми за 105 проценти и истата од 4.330 денари во 2006 година, скокна на 8.895 денари во декември 2016 година. Додека просечната пензија која во 2006 година изнесуваше 7.684 денари, на крајот од 2016 година стигна до 13.754 денари, што е зголемување за 79 отсто.