Според него, овие 300.000 пензионери издржуваат една или две генерации на деца, така што тие се заинтересирани пензиите да се исплаќаат редовно и затоа треба да се изнајдат сите мерки да не се доведе во прашање исплатата на пензиите во Република Македонија.
Последните 4-5 години пензиите за претходниот месец се исплаќаат редовно до 6-ти во наредникот месец. Ако се доведе во прашање исплатата на пензиите за овој месец ќе дојде до голем проблем меѓу пензионерите и граѓаните на Република Македонија. Тоа ќе биде навистина револт, зотоа што тоа е една нормална работа да се примаат пензиите навремено, рече Аргировски.
Ваквата реакција на пензинерите, следи по вчерашните најави дека се доведува во прашање исплатата на плати и пензии доколку се укине издавањето на државните записи со што се укинуваат механизмите за нормално и непречено реализирање на буџетот.
Ветото на СДСМ ќе значи нередовно исплаќање на пензиите
Министерството за финансии вчера информираше дека ветото на опозициската СДСМ на издавањето државни хартии од вредност значи дека пензиите нема да се исплатат на почетокот на месецот како што секогаш се исплаќаат овие девет години, нема да се исплатат платите за полицијата, војската, здравствените и образовните работници, социјалната помош, ќе се запре изградбата на патишта, водоводи, капитални проекти, ќе се запре исплатата на субвенции,….
Појаснуваат дека издавањето на државните хартии од вредност е предвидено со Буџетот за 2015 година, изгласан од Собранието на Република Македонија, и со неговото попречување се крши и законот.
Во контекст на аукцијата, од Министерството за финансии посочуваат дека за следната недела се предвидува продажба на државни записи во вредност од 100 милиони евра, а истиот месец доспеваат за исплата стари записи во вредност од 5,2 милијарди денари или 84,6 милиони евра. Значи, истакнуваат, тоа не е ново задолжување, туку рефинансирање на веќе запишани хартии од вредност, објаснува Министерството за финансии.
Потсетуваат дека државни хартии од вредност се издаваат од 2004 година.
Доколку на тоа се додадат 150-те милиони евра од еврообврзницата која беше издадена во 2005 година од страна на Владата на сега опозициската СДСМ, тоа се вкупно 234,6 милиони евра кои треба да се вратат во декември. Од нив 210 милиони, заедно со еврообврзницата, треба да се исплатат заклучно 8-ми декември – ист период кога се исплаќаат платите и пензиите, наведоа од Министерството за финансии.