Pepco, европскиот синџир за малопродажба кој им е познат и на Македонците кои пазарат во Србија, а каде парчиња гардероба и други производи од оваа компанинја се по мошне ниски цени, најави дека ќе го напушти австрискиот пазар.
Од таму изјавија дека не очекуваат задоволителни финансиски резултати во земјата.
„Групацијата заклучи дека ќе го прекине своето работење во Австрија, бидејќи не предвидува дека австрискиот пазар ќе го достигне соодветното ниво на поврат на парите“, се наведува во извештакјот од доцна во понеделникот, пренесува Индекс.
Сопственикот на брендовите Pepco, Poundland и Dealz, кој котира на берзата во Варшава, и на крајот на декември имаше вкупно 4.832 продавници, а влезе на австрискиот пазар во септември 2021 година и работи со 73 продавници во земјата.
Во октомври лани Pepco рече дека ќе ја забави својата програма за отворање продавници за да се фокусира на враќање на профитабилноста, но сепак планира да отвори најмалку 400 нови продавници во 2023/24 година.
Од компанијата рекоа дека излегувањето од Австрија ќе го подобри готовинскиот тек на групацијата и основната профитабилност за 2024 година, додавајќи дека тоа ќе им овозможи да се фокусираат на други пазари каде што можат да генерираат повисоки приноси. Тие истакнаа и дека одлуката не влијае врз нивната постоечка стратегија за раст во Западна Европа или на деловните операции во други земји.