Утрово околу 10 часот добив известување од Град Скопје дека сум разрешен од позицијата прв човек на „Водовод и канализација“ со образложение дека наводно сум влијаел на процесот при одлучување за изградба на Пречистителната станица, информираше разрешениот директор Златко Перински преку соопштение.
Тој објаснува дека на крајот на месец јули добил допис од градоначалничката Данела Арсовска која побарала од него промена на членовите на евалуционата комисија за изградба на пречистителна станица.
„Немаше никакво образложение за ваквата постапка, а причините поради кои ова го бара треба самата Арсовска да ги објасни. Јас за ова ја известив Европската инвестициска банка која е банка-лидер и која е кредитор на самиот проект тежок 160 милиони евра за ваквиот чекор и побарав мислење за ваквото барање.
Европската инвестициска банка одговори негативно за ваквото барање на Арсовска. Значи, тоа што го бараше градоначалничката не е одобрено од банката-лидер. Јас не можам да си дозволам незаконито работење по ниту една цена и било кога. Ниту пак ќе подлегнам на притисоците. Затоа тоа што јас го следам е единствено законот и мислењето на релевантните институции. Го известив Градот и ја известив градоначалничката за одлуката на ЕИБ“, наведено е во соопштението.
Ваквата одлука на Арсовска за мое разрешување, додава тој, доаѓа на денот кога комисијата треба да ги отвори понудите.
„Почитувањето на законот никогаш не е самоволие како што тоа го пишува Арсовска во соопштението на Градот. Туку единствена обврска. И да не ме разрешеше, јас бев подготвен да си заминам доколку цената е да го прекршам законот, како што таа бараше од мене со разрешување на членовите од комисијата. Што се однесува до самиот проект за пречистителна станица тоа е проект на Владата на Р. Македонија, Водовод и со кредити од Европската Инвестициска Банка и Европската Банка за обнова и развој. Сите постапки кои се преземени се одобрени и потврдени како беспрекорни од банките кои вршат надзор на истите. Со индигнација ги одбивам сите пишувања, сите обвинувања против мене. Барам од медиумите да бараат одговор зошто градоначалничката бара разрешување на членовите на комисијата. Јас стојам на располагање на сите институции и ги повикувам да го испитаат овој случај сѐ до конечно расветлување на вистината. Затоа што постои можност градот да остане без капитален проект кој е од исклучителна важност за скопјани.
Од Водовод си заминувам со чист образ, со многу желба овој процес да успее. Благодарност и до банките кои се партнер во изградбата на пречистителната станица“, наведува Перински во соопштението.