Перински во Аеродром: Проект за нов лик и урбанизирање на просторот позади ТЦ „Капитол“

 Денеска започнаа градежните активности за санација и модернизација на јавната површина позади ТЦ „Капитол“. Овој простор од 4.500 м², кој досега не бил обновуван, ќе се реконструира благодарение на проектот за кој Општина Аеродром доби средства од државниот буџет преку првиот јавен повик за финансиска поддршка на инфраструктурни општински проекти.

В.д. градоначалникот, Дејан Митески, заедно со министерот за локална самоуправа и неговиот заменик, Златко Перински и Ерџан Селими, и министерот за транспорт, Александар Николоски, во чиј ресор е проектот, го пречекаа претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, кого го информираа за деталите на проектот.

Тој вклучува поставување на нова хидроизолација, поплочување со гранитни плочи, нова урбана опрема, клупи, корпи, зеленило и ново осветлување. Вкупната вредност на реконструкцијата е 45 милиони денари.

„Овој проект е доказ дека Владата предводена од премиерот Мицкоски е партнер на локалните самоуправи. Така почнавме и така продолжуваме, сѐ со цел да го подобриме квалитетот на животот на сите граѓани на Република Македонија“, изјави министерот Перински, изразувајќи благодарност за подготвеноста на в.д градоначалникот Митески да ги искористи средствата кои Владата ги става на располагање.

Митески информираше дека Општина Аеродром добила 3,4 милиони евра за осум проекти од првиот повик и најави подготовка за вториот повик, кој ќе донесе дополнителни можности за трансформација на општината. „Летово очекуваме Аеродром да доживее голема трансформација“, додаде в.д. градоначалникот.

Премиерот Мицкоски истакна дека реконструкцијата на овој простор ќе го направи Аеродром уште поубав и пофункционален за граѓаните и ги повика општините да ги подготват своите апликации за вториот јавен повик, кој ќе биде распишан претстојнава недела со олеснителни услови во споредба со првиот повик.

Со денешниот настан, заврши теренската посета на министерот Перински на Општина Аеродром, во рамки на иницијативата „Каде што срцето е дома“, на која Аеродром беше првата општина домаќин на серијата посети.