
Перуанските власти парично го казнија сопственикот на локалната франшиза на американскиот синџир ресторани за брза храна „McDonald’s“ со 250.000 американски долари, поради сериозните повреди на безбедносните прописи по смртта на двајца вработени од струен удар.
Двајцата вработени, девојка и момче на 18-годишна возраст, настрадале на 15-ти декември додека ја чистеле кујната во ресторанот на „McDonald’s“ во градот Пуебло Либре, во перуанска покраина Лима.
Полицијата соопшти дека девојката претрпела струен удар додека ракувала со уредот за подготвување газирани пијалаци. Нејзиниот колега, пак, се обидел да ѝ помогне но и самиот настрадал од струен удар.
„Утврдивме шест многу сериозни пропусти, вклучително и неправовременото известување за смртта на работниците“, изјавил шефот на Националната контрола за инспекција на трудот.
Сопственикот на локалната франшиза Arcos Dorados, не гарантирал сигурни услови за работење, вклучително и објектите и опремата, а „особено апаратот за точење безалкохолни пијалаци“, наведува инспекциската служба. Во компанијата знаеле дека уредот за безалкохолни пијалаци е оштетен, но „ништо не преземале“, додаваат.
Од Arcos Dorados потврдиле на 21-ви декември дека несреќата ја предизвикал неисправен уред за газирани пијалаци. Инспекцијата во четвртокот им одредила казна од 846.760 сола, што е околу 250.000 американски долари.