Пешевска: СДСМ со злоупотреба на функциите и институциите сака да им помогне на неспособните кандидати за градоначалници

СДСМ е во паника од поразот што ги очекува и врши масовна злоупотреба на институциите во предизборниот период. Институциите се целосно партизирани и парализирани. Институциите не ги исполнуваат обврските што ги имаат, туку се ставени во функција на кампањата на СДСМ. Мислат дека со злоупотреба на функциите ќе им помогнат на своите неспособни кандидати за градоначалници. Се лажат, истакна Жаклина Пешевска од ВМРО-ДПМНЕ.

„СДС е во паника и затоа злоупотребува буквално се. Од возила, простории и други материјални ресурси, па се до човечки ресурси. Се е блокирано затоа што министрите и нивните партиски функционери по институциите се зафатени со митинзи и партиски активности. Ова се сериозни нарушувања на предизборниот процес и мешање на државата и партијата. Ова не е фер и демократски изборен процес. На овие избори кои ги организира СДС, како и сите изборни циклуси кои ги организирала оваа партија, не важат ниту закони, ниту препораки, ниту принципи. За време на целиот предизборен процес на најгруб начин се прекршуваат законите и препораките на Прибе на кои СДС најчесто се повикуваше“, рече Пешевска.

Оцени дека секојдневно се врши „класична злоупотреба“ на државните институции, функции и ресурси за поддршка на кампањата на СДСM за локалните избори.

„На сите партиски настани неизбежен декор се министрите и директорите на државните институции кои промовираат мерки на локални избори. Спротивно на Законот за внатрешни работи и законот за полиција, полицијата е целосно ставена во служба на кампањата на СДС. Министерот Оливер Спасовски држи говори и остварува средби со граѓани. Неговите советници и раководители, повеќе се фотографираат во партиски штабови отколку што доаѓаат во своите канцеларии и на своите работни места“, рече претставничката на ВМРО-ДПМНЕ.

Се врши, додаде Пешевска, злоупотреба и на Министерството за труд и социјална политика, а Мила Царовска оди од една на друга партиска средба и ги манипулира граѓаните лажејќи ги со разни проекти и убедувајќи ги дека средствата кои законски им следуваат ги добиваат благодарение на СДСМ.

„По истиот принцип работат и Заев, Анѓушев и Шекеринска. Сите државни ресурси се ставени во контекст на изборната кампања. По истиот принцип работат и претседателите и членовите на општинските изборни комисии предложени од СДС. Наместо да бидат неутрални и да ги стават во мирување партиските обврски, тие брзаат по партиските митинзи за да се фотографираат со функционерите. Меѓународните набљудувачи се должни да интервенираат и да ги нотираат овие сериозни прекршувања на Изборниот закон за да може да се исчисти дамката која што е фрлена врз изборите. Граѓаните својот одговор за лагите и злоупотребите на СДС ќе го дадат на 15-ти октомври“, порача Пешевска.