Пешевски и Јолевски на терен во Доброште

Пешевски и Јолевски на терен во Доброште
Пешевски и Јолевски на терен во Доброште

Вицепремиерот Владимир Пешевски и министерот за одбрана Зоран Јолевски денес го посетија Доброште кое беше зафатено од невремето. Во селото во тек е акција за расчистување на последиците.

Јолевски истакна дека расчистувањето во селото се одвива добро, според предвиденото.

Во Доброште има екипа од 15 војници кои во овој момент работат на расчистување на училиштето во ова место. Ги посетивме локални жители и со нив разговаравме за тоа каква дополнителна помош им треба. Претходно имаше механизација од Градот Скопје. Војската ќе продолжи да му помога на локалното население со цел да се справат со ова непогода, потецираше министерот за одбрана.

dobroste1

dobroste2

Тој истакна дека војска има во Шипковица, каде во две смени има по 10 војници, додека во Речица има механизирана екипа со опрема и 25 војници кои му помагаат на локалното население.

Се санираат штетите во тетовско – вклучен целиот државен тим

Десет дена по поплавите во тетовско, санирањето на штетите се одвива според ветеното. Активностите течат интензивно и во нив е вклучен целиот државен тим, рече денеска премиерот Никола Груевски по посетата на Шипковица.

Груевски, кој беше во придружба на вицепремиерот Владимир Пешевски и министрите за одбрана и за транспорт и врски, Зоран Јолевски и Владо Мисајловски, разговараше со жителите на селото, а го посети и локалниот Кризен штаб.

Ќе работиме максимално, се до целосно отстранување на штетите. Можете да сметате на нашата безрезервна поддршка. Тоа што го ветивме изминативе денови и го исполнуваме. Уште веднаш, првиот ден по поплавите струјата беше пуштена, а се донесоа и доволни количини вода, напомена премиерот, откако ги праша жителите дали и колку се задоволни од работата на институциите.

Ќе работиме максимално, се до целосно отстранување на штетите.

Груевски воедно информира и за вчерашната владина одлука која предвидува првична помош од 30.000 денари за семејствата во Тетово итетовско чии објекти беа оштетени, плаќање кирија и 160.000 литри нафта за потребната механизацијата за санација на штетите.

Помош, како што додаде премиерот, е обезбедена и за земјоделците кои до 26 август треба да ги пријават штетите.

Според вицепремиерот Пешевски, во Шипковица дополнително ќе бидат донесени неопходни градежни материјали, а ќе се исчисти и школото, ќе се дезинфицира и ќе биде во целост подготвено за претстојната учебна година.

Министерот Јолевски информира дека војската е постојано на терен во тетовско и има свои екипи од по 10 лица кои се менуваат двапати на ден. Освен во Шипковица, се делува и во Порој и во Речица.

Владиниот тим предводен од премиерот Груевски им соопшти на жителите во Шипковица и дека ќе се подготви посебен проект за утврдување на причините кои предизвикаа огромни штети и врз основа на тоа ќе се пристапи кон целосно решавање на проблемот.

Професорот Соња Лепиткова со група експерти и со селаните беше директно на местото за кое засега се смета дека е причина за настанатите штети. Првично е проценето дека треба да се минира карпата која се смета за потенцијална опасност, но тоа ќе биде конкретно изанализирано и преточено во проект, по што ќе се делува, рече Груевски.

Изразувајќи благодарност за поддршката до сите надлежни институции вклучени во санирањето на штетите од поплавите, жителите на Шипковица рекоа дека патиштата се генерално расчистени, а вода и струја беа обезбедени уште првиот ден по катастрофата. Сепак, предупредија дека, како што рече премиерот, мора да се утврди точната причина за поплавите.

Ако не се направи проценка од каде точно произлезе проблемот, ситуацијата може да биде многу лоша со оглед дека доаѓа зима и допрва ќе следуваат врнежи, истакна претседателот на Месната заедница на Шипковица, Зекирија Ќазими.

Жителите од селото, додаде, изготвиле и барање за решавање на овој проблем за кој, како што посочи Ќазими, мора итно да се преземат мерки.

На средбата во локалниот Кризен штаб, момчето Лаурат Исмаили директно му изрази лична благодарност на премиерот Груевски за тоа што институциите и нивното навремено дејствување му го спасија животот од поплавите.

Владиниот тим предводен од Груевски по Шипковица замина за Мала Речица, по што е предвидено да пушти во употреба три локални патни правци, како и да го посети капацитетот на Везе Шари.