
Вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски денеска имаше средба со Томас О. Мелиа, асистент администратор во УСАИД одговорен за проектите во Европа и Евроазија.
На средбата, на која присуствуваа и амбасадорот на САД во Македонија Џес Бејли и резидентниот претставник на УСАИД Џејмс Стејн, се дискутираше за досегашната соработка помеѓу Република Македонија и Американската организација за меѓународен развој (УСАИД), која се однесува на економскиот развој и трговската размена.
Беше заклучено дека со реализираните проекти постигнати се добри резултати. Особено беше истакнато дека со реализицијата на проектите се придонесе за поддршка на малите и средните компании и развој на приватниот сектор, развој на земјоделската трговска размена, овозможување полесен пристап до финансии и развојни кредити за македонските компании, како и поддршката која УСАИД ја овозможува во развојот на економските политики на Република Македонија, информира Кабинетот на Пешевски.
Соговорниците истакнале дека има многу можности соработката да се продлабочи и дополнително да се придонесе кон забрзан економски развој на земјата и подобрување на бизнис-климата, особено за малите и средните компании, кои се двигатели на економијата.