Пешев: Со приспособување на механизмот на јавни набавки и царински стапки за суровини, ќе се зголеми конкурентноста на компаниите

-Претходно проговоривме за економската состојба во која ќе се најде државата во периодот што следува, но не се само општите заложби за мобилизирање на силите околу менаџирањето со кризата она што е потребно. Секако, потребни се и практични, прагматични мерки, кои на нашата економија ќе ѝ дадат можност да го преживее периодот што следува. Две од тие мерки се однесуваат, првенствено, на активната употреба на механизмот за јавни набавки, во која државата, како најголем учесник во делот за создавање на побарувачката во државата, може директно да влијае врз можностите и врз позиционирањето на нашите компании, како и врз механизмот на царинските тарифи, со кои државата ќе им овозможи на нашите компании да добијат конкурентен извор за производство, а со тоа да добијат и производ кој ќе биде, пред сѐ, регионално, вели извршниот директор на Стопанската комора, Антони Пешев.
-Да не заборавиме, Македонија веќе подолго време се наоѓа во зоната на слободна трговија со земјите во регионот и ја ужива придобивката на отворената економија, но мора да се соочи и со конкуренција која во другите држави е немилосрдна, а изворите за репроматеријали кај нив немаат идентично оптоварување.
Она што е важно да се каже е тоа дека државата мора да најде ефикасни механизми, и покрај општите заложби за слобода на пазарот и заложбите на Светката трговска организација дека економијата треба да биде целосно отворена, и мислам дека во услови на криза на државата ѝ е потребно таа да се фокусира и да најде начин како ќе им помогне на нашите компании во периодот што следува.

Врз основа на дефинираната група прашања за кои компаниите бараат решение, а кои беа детектирани преку повеќе активности што ги реализираше СКМ во изминатиот период и врз основа на направените анализи, предлозите на бизнисот, формулирани и структурирани во предлог-мерки на начин кој ќе биде лесно применлив и ќе значи ублажување на последиците за компаниите, во насока на одржување на ликвидноста и на кокурентноста на домашното стопанство, се предлага следното:
I. ЈАВНИ НАБАВКИ
1. Приспособување на концептот за јавни набавки на актуелната состојба, во која цените на суровините и на репроматеријалите растат, а економските оператори (од градежниот и прехранбениот сектор, од металната и електроиндустријата, од трговијата и сл.) не се во состојба да постапуваат според договорите, според претходно договорените цени, за што се предлага секторски пристап за утврдување на формулите за корекција/приспособување на цените, со вклученост на претставници од реалниот сектор.
1.1. Во новите постапки за доделување договори за јавни набавки на работи, во согласност со член 119, став (1) од Законот за јавните набавки, во тендерската документација да се предвиди можност за корекција на цените, за да се овозможи договорите за јавни набавки да се изменуваат во случај на раст на цените, без спроведување нова постапка за јавна набавка.

*Градежниот сектор при Комората, по претходно согледување на искуствата од европските земји, веќе подготви и достави предлог во однос на клизната скала во договорите за градење, како мерка за справување со растот на цените на градежните материјали и на енергенсите, за кој предлагаме да биде земен предвид при конципирање на конкретните решенија за овој сектор, а тргнувајќи од ваквиот принцип, да се конципираат решенијата и за другите економски сектори.

2. Владата да отвори можност, преку воспоставување правен основ (за веќе склучените договори за јавни набавки), договорните органи заедно со договорните страни да пристапат кон анализа на договорените единечни цени, за да утврдат каде влијаела промената на цените по почетокот на пандемијата за зголемување на вредноста на договорите, по што, врз основа на анализата, ќе може да пристапат кон измена на договорите.
Со цел транспарентно и предвидливо одвивање на процесите, предлагаме, со вклученост на деловната заедница, да се преземат и следните чекори:
 да се подготви преглед на тековните договори за јавни набавки;
да се дефинира метод што ќе се користи за утврдување на разликата во цените и за измена на договорите (лизгава скала, индексна клаузула, процент на зголемување над договорениот или друго);
 да се утврди образец според кој ќе се изготвува анализата;
 да се определи тело кое ќе го координира целиот процес.

II. ЦАРИНСКИ СТАПКИ
Барање за изменување на Законот за изменување на Законот за царинска тарифа, со цел намалување на царинските стапки на суровините и на репроматеријалите за агропрехранбениот сектор.
Со Законот за изменување на Законот за царинска тарифа (Службен весник на РСМ, бр. 39 од 22.2.2022 година) се намалија царинските стапки за околу 260 тарифни ознаки, суровини и репроматеријали кои, првенствено, се употребуваат во електрометалната индустрија. Во овој закон не се содржани барањата за изедначување на царинските стапки до ниво на ЕУ за 30-ина суровини за агропрехранбениот сектор (освен барањето за тарифната ознака 2002909100, која се однесува на домати приготвени или конзервирани на друг начин – доматно пире од 50 на 25 %), како тарифни ознаки што се однесуваат на јајца во прав, сушено овошје и зеленчук, на тропско овошје, кафе и на други производи кои не се произведуваат во државата, а кои се суровина во агропрехранбениот сектор, и тоа ќе биде приоритет за Комората за усогласување во наредниот период.