Како пратеник, а особено како граѓанин на Општина Гази Баба, загрижена сум за повторната намера на градоначалникот на Општина Гази Баба Борис Георгиевски, да со одлука на Совет ослободи приватен инвеститор од плаќање на комуналии во висина од над 2 милиони евра, вели во својот апел упатен до градоначалникот на Гази Баба пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Жаклина Пешевска.
Во продолжение интегрално ви го пренесуваме апелот на Пешевска:
ЈАВЕН АПЕЛ ДО ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ОПШТИНА ГАЗИ БАБА БОРИС ГЕОРГИЕВСКИ ДА СЕ ОТКАЖЕ ОД НАМЕРАТА ДА ОСЛОБОДИ ПРИВАТЕН ИНВЕСТИТОР ОД ПЛАЌАЊЕ НА КОМУНАЛИИ ВО ВИСИНА ОД 2 МИЛИОНИ ЕВРА НА ШТЕТА НА ГРАЃАНИТЕ!
Како Пратеник, а особено како граѓанин на Општина Гази Баба, загрижена сум за повторната намера на градоначалникот на Општина Гази Баба Борис Георгиевски, да со одлука на Совет ослободи приватен инвеститор од плаќање на комуналии во висина од над 2 милиони евра.
Ваквата намера е скандалозна и штетна за граѓаните на Општина Гази Баба. Додека граѓаните на Раштак и Брњарци немаат вода за пиење, Гоце Делчев, Трубарево, Ергеле, Јурумлери, Идризово, Дрма, Црешево и други немаат фекална канализација, Крсте Мисирков нема ново школо, Инџиково, Трубарево и Керамидница немаат нови градинки, градоначалникот на Гази Баба како да живее во друг свет, предлага носење на ваква штетна одлука.
Јавно апелирам до градоначалникот Борис Георгиевски да се откаже од намерата за носење на ваква одлука а Советниците во Советот на Општина Гази Баба, особено оние на кои на локалните избори во 2017та година и лично им дадов поддршка, да застанат на страната на народот и на општината и да не ја донесат ваквата предложена одлука!
Граѓаните на Општина Гази Баба со право се загрижени!, вели Пешевска во апелот.