Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Владимир Пешевски, оствари средба со новоименуваниот амбасадор на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска во Република Македонија,Чарлс Едмунд Гарет.
Вицепремиерот Пешевски му посака добредојде и успех во работата на новоименуваниот амбасадор и воедно го запозна со политиките на Владата, наменети за развој на домашната економија. Се дискутираше за спроведените проекти, како и за проектите кои се во фаза на реализација, а се наменети за зголемување на конкурентноста на домашното стопанство и поттикнување на економскиот раст.
За време на средбата соговорниците изразија задоволство и ги поздравија билатералните односи помеѓу двете земји, кои се традиционално добри, карактеризирани со динамична разнообразна соработка.
Исто така изразија желби за понатамошен поттик на економската соработка помеѓу двете земји и зголемување на трговската размена.
Велика Британија е значаен трговски партнер на нашата земја, која минатата година се најде на третото место на листата на најголеми трговски партнери, со вкупна трговска размена во износ од 806 милиони долари.